Целта е да се изградат стандарди за занимања, кои потоа ќе се акредитираат и во земјава, и да се имплементираат технологии за обновливи извори на енергија со прифатлива цена и квалитет
Дваесет инженери и 40 техничари во наредниот период ќе се обучуваат за инсталирање фотоволтаични системи и топлински колектори, за подобрување на вештините за градење енергетски ефикасни објекти, преку проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“, кој го финансира Европската Унија, а го реализира Стопанската комора на Македонија.
Како што беше истакнато на вчерашната конференција во комората, обуката за проектирање и изведба на фотоволтаици ќе ја следат 10 инженери и 20 техничари, а исто толку инженери и техничари ќе ја следат обуката за сончеви топлински колектори. Преку овие активности ќе се создаваат предуслови за креирање конкурентна работна сила во градежниот сектор, која е подготвена да се справи со предизвиците на модерните економски текови, како еден од приоритетите на секоја национална економија.
– Преку овие обуки треба да изградиме заеднички стандарди за подготовка на проекти и нивна изведба, односно ќе се знае што треба да знае еден инженер и техничар за имплементирање обновливи извори на енергија. Целта е да се изградат стандарди за занимања, кои потоа ќе се акредитираат и во земјава, и да се имплементираат технологии за обновливи извори на енергија со прифатлива цена и квалитет – објасни Христина Спасевска, претседателка на Инженерската институција, која е вклучена во проектот.
На овие обуки ќе им претстои процес на препознавање претходни знаења и вештини стекнати во неформалното и информалното образование. Учесниците ќе добијат и европски сертификати за соодветното занимање.
На ФЕИТ, кој е носител на овој дел од проектот, вели Спасевска, е во тек формирање лабораторија за да можат инженерите и техничарите да се обучат од безбедност на работа, па до изработка на проект преку користење софтверско решение и изработка на техноекономска анализа.
– Лабораторијата ќе ги примени најсовремените технологии за сончеви топлински колектори што ќе следуваат во иднината – додава Спасевска.
Таа истакна дека ќе се направи база на податоци за сертифицирани работници, инженери и техничари, но и за компаниите што имаат работници, кои реално можат да имплементираат обновливи извори на енергија од проектирање до инвестирање.
Претседателот на здружението за бизнис-консултанти „Креација“, Ристо Иванов, нагласи дека преку проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ во првите две фази се обучени 1.500 работници.
– Во третиот дел од проектот очекуваме да бидат опфатени 300 нови градежни работници, 300 техничари и околу 100 инженери – вели Иванов.
Според него, во насока на постигнување мултидисциплинарен пристап кај одржливото градење, ќе биде иницирана примената на алатки за информациско моделирање градби на национално ниво.
Претседателот на Здружението за енергетика при Стопанската комора, Ристо Јаневски, објасни дека е во подготовка правилник, кој предвидува објектите со обновливи извори на енергија да ги дизајнираат и изведуваат сертифицирани работници.
– Во рамките на проектот, Здружението на енергетика при Стопанската комора на Македонија активно ќе учествува во креирањето обуки за работници и инженери за инсталирање фотоволтаици за да се обучи кадар што ќе може да одговори на сѐ поголемиот интерес за искористување енергија создадена од обновливи извори – изјави Јаневски.