Побрзата институционална и економска конвергенција, вклучувајќи го и побрзото приближување кон европските централнобанкарски вредности ќе значи и побрзо интегрирање кон европското семејство, објасни гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Народната банка ќе продолжи со усогласување на правилата, регулативата, политиките и работењето во согласност со стандардите на Европскиот систем на централни банки заради натамошно одржување на макроекономската и финансиската стабилност. Ова е овозможено со твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзино членство во Европскиот систем на централни банки“. Проектот вреден 600.000 евра е финансиран од ЕУ, а се спроведува од септември годинава до декември идната година.
– Побрзата институционална и економска конвергенција, вклучувајќи го и побрзото приближување кон европските централнобанкарски вредности ќе значи и побрзо интегрирање кон европското семејство. Токму затоа постојано го зајакнуваме нашиот капацитет преку различни модалитети честопати со директна поддршка од страна на ЕУ преку нејзините расположливи алатки – посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа додаде дека планираните проектни активности опфаќаат четири области во доменот на централнобанкарското работење.
– Проектните активности во првата компонента се во сферата на платежните услуги и платните системи. Активностите во голема мера ќе бидат насочени кон успешно спроведување на подготовката на новиот закон и новите подзаконски акти за платежни услуги и платни системи. Новата регулатива во основа ќе значи транспонирање на најновото европско законодавство во оваа област кај нас и создавање услови за значајни промени во нашиот платежен пејзаж – рече Ангеловска-Бежоска.
Втората компонента ќе биде за банкарската регулатива и супервизија, третата за статистиката на финансиските сметки, а четвртата за практичното знаење за анализа на политиките.
Раководителот на Одделот за економски прашања, институционално јакнење и прекугранична соработка при Европската делегација во нашата земја, Фрек Јанмаат, посочи дека една од клучните цели на проектот е модернизација на платежните услуги во државата и додаде дека е вистинско време за негово спроведување, бидејќи како нерезидент што живее во земјава се соочува со функционирањето на локалните банки.
– Во најголем дел од банките не можам да имам интернет-банкарство и за мене тоа е малку чудно, бидејќи морам да одам на шалтер во банка и да платам. Во наредните години ќе видиме автоматизација на услугите на банките и тие ќе станат порелевантни и важни. Мислам дека по извесно време интернет-банкарството ќе зајакне и ќе земе замав. Затоа сметам дека е добар моментот за овој проект – рече Јанмаат.
Тој истакна дека со овој проект ќе се зајакнат институционалните капацитети на Народната банка за да ги исполни барањата на ЕСЦБ. Со него ќе придонесе за зајакнување на капацитетите и функциите на Народната банка во областите на платните системи и платните услуги, финансиската стабилност, супервизијата, економските анализи, истражувањето и статистиката.
– Меѓу главните цели е модернизирање на платежните услуги на земјата: конкретно, подоброто регулирање и поголемата конкуренција ќе им бидат од полза на потрошувачите и бизнис-заедницата, благодарение на зголемениот број даватели на услуги и намалените трошоци – истакна Јанмаат.
Амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих, порача дека земјава мора да продолжи со реформите и целосно да се сконцентрира на реформскиот процес, кој ќе доведе до членство во ЕУ.
– Една од клучните приоритети е реформата на банкарскиот сектор како дел од реформите на економскиот систем. Ова ќе помогне во поддршката на Народната банка во одржувањето на макроекономската и финансиска стабилност во корист на сите економски оператори – рече Герберих.