Малите и средните претпријатија се од клучно значење за постигнување одржлив економски раст и се важен фактор за одржување на конкурентноста и за постигнување економски просперитет, за создавање отпорност кон надворешните шокови на економски план, како и за постигнување повисока вработеност. Затоа е потребна дополнителна финансиска поддршка за одржување на кревката ликвидност на овие фирми
Неопходна дополнителна и посилна финансиска поддршка за малите и средните претпријатија
Секторот на микро, мали и средни претпријатија како целина е доминантен во македонската економија и опфаќа 99,8 отсто од сите претпријатија, а исто така тие се најголемите работодавци, со 80 отсто од сите вработувања во приватниот сектор. Но овие бизниси се многу погодени од кризата, сѐ уште се ранливи и неизвесен е нивниот опстанок. Економските експерти и бизнис-заедницата велат дека е потребна дополнителна финансиска поддршка за амортизирање на последиците од кризата, бидејќи тие се столбот на економијата – обезбедуваат работни места, создаваат додадена вредност и предводат со иновативни решенија.
Како што вели претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, имајќи ги предвид состојбата во македонската економија и обемот на потрошувачката во македонската потрошувачка економија, тешко и неизвесно е продолжувањето на опстанокот на малите и средните претпријатија.
– Одложувањето на исплатата на кредитите може да биде од помош само ако деловниот амбиент го овозможи тоа, односно забрзана услуга и сервис од регулаторот на национално и локално ниво, сериозна борба против конкуренцијата на бизнисите, а тоа е сивата економија, поттикнување нови бизниси низ оперативните планови за вработување и помош за отворање бизнис, со поддржување инвестиции во опрема и намалување на даночните обврски – смета Бошков.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија истакнаа дека е неопходно да се донесе одлука за продолжување на грејс-периодот за враќањето на кредитите од кредитната линија ковид 3, кои беа дистрибуирани преку Развојната банка, а кои достасуваат на крајот на овој месец, за одржување на кревката финансиска ликвидност на претпријатијата.
– Економските состојби во изминатиот период се подобрени, со очекување за постепено и стабилно закрепнување на економијата од ефектите на пандемијата во оваа и во наредната година. Но, сепак, и покрај поволните движења, неизвесноста во поглед на растот и натаму е висока, ризиците околу проекциите се претежно надолни на краток рок, а најпогодените сектори сѐ уште работат со ограничувања – велат од ССК.
Оттаму споменуваат дека деловната активност сѐ уште се извршува со ограничувања, обврската за враќање на кредитите добиени преку кредитната линија ковид 3 кај претпријатијата може да предизвика дополнително нарушување на финансиската нестабилност, сметаат од Сојузот на стопански комори.
– За поддршка на реалниот сектор треба да се размислува сѐ додека имаме во сила рестриктивни мерки за извршување на деловната активност, бидејќи кризата трае премногу долго, а особено микро и малите претпријатија поради ограничени резерви се најчувствителни и најмалку отпорни на кризни состојби – сметаат од Комората.
Потпретседателка на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова, за „Нова Македонија“ истакна дека нивната анализа покажала дека влијанието од пандемијата врз приватниот сектор било разурнувачко, принудувајќи 40 проценти од фирмите во Македонија да затворат привремено за време на пандемијата.
– Малите и средните претпријатија беа најтешко погодени и потребна е понатамошна поддршка поради две причини – да се спречи затворање на бизнисите и губење работни места, од една страна, и да им се помогне да ги зајакнат своите капацитети и да се приспособат на новите околности предизвикани од пандемијата и промената на климата. Ова приспособување ќе треба да се насочи кон дигитализација на нивните операции и воведување енергетски ефикасни практики – вели Павлова.
Таа додаде дека ЕИБ ќе продолжи да ги поддржува малите и средните компании, со овозможување пристап до поволни кредитни линии со ниски каматни стапки и продолжени рокови на достасување и нови начини за поддршка на трансформацијата и отпорноста на приватниот сектор, особено за зелени и дигитални проекти.