Од секторот за организација на настани потсетуваат дека се наоѓаат во тешка финансиска ситиуација откако континуирано не работат повеќе од една година.
Од асоцијацијата „ИВАП“ нагласуваат дека во неколку наврати побарале помош за нивната индустрија од Владата, но, како што велат, од таму не наишле на разбирање и конструктивност.
Тие денеска уште еднаш се обратија до Владата.
– Компаниите и вработените се оставени без основна можност за приход или заработка за живот. Се обидовме да бидеме конструктивни, да не придонесуваме за ширење на заразата, не вршевме притисок врз вас и имавме разбирање за ситуацијата во која сите се наоѓаме. За жал, не го добивме истиот пристап и од ваша страна. Ни го ограничивте основното човечко право да работиме и да заработуваме, а притоа на ниту еден начин не се обидовте да ни помогнете – велат од асоцијацијата.
Од таму потсетуваат на веќе донесените мерки за помош на оваа индустрија, но според нив тој пакет мерки не е ставен во функција ниту ќе придонесе за олеснување на нивната тешка состојба.
Од „ИВАП“ му порачаа на премиерот дека нивното трпение е пред крај и дека немаат друг избор освен да се борат за нивните компании и егзистенција.
Од асоцијацијата бараат средба со премиерот и со министрите задолжени за решавање на таквите прашања.
– Очекуваме средба најдоцна до 29 март оваа година. Доколку не бидеме повикани и доколку итно не се најде решение, ќе бидеме принудени да го искористиме нашето право решенијата да ги бараме на поинаков, за жал, радикален начин. Искрено ве замолуваме да не нé терате нашата едногодишна тишина да ја претвориме во голема врева, која нема да престане сè додека не се исполнат нашите барања – велат од асоцијацијата „ИВАП“.