Податоците на Евростат покажуваат дека стапката на вработени Македонци што се на праг на сиромаштија изнесува 8,8 проценти, при што кај мажите оваа стапка достигнува 10,6 отсто, а кај жените шест отсто
Анализите на Евростат покажуваат дека едно од десет вработени лица, на возраст над 18 години во Европската Унија (ЕУ), било изложено на ризик од сиромаштија во 2018 година. Според овие показатели, за една деценија, учеството на лица што се на работ на сиромаштија се зголемило од 8,6 отсто во 2008 година на 9,5 проценти во 2018 година. Притоа било утврдено дека ризикот од сиромаштија при работа во ЕУ малку се разликува меѓу жените и мажите. Во 2018 година, 9,9 отсто од вработените мажи и 9,1 процент од вработените жени биле изложени на ризик од сиромаштија.
Поризични се привремено вработените
Во извештајот на Евростат се посочува дека вработените со скратено работно време и вработените со привремени договори, се изложени на ризик од сиромаштија при работа повеќе отколку оние што работат со полно работно време и имаат постојани договори.
– Во 2018 година, работниците со скратено работно време во ЕУ се изложени на двојно поголем ризик од сиромаштија што опфаќа дури 15,7 отсто. Вработените со полно работно време, кои се изложени на сиромаштија, се 7,8 проценти. Од друга страна, компаративните податоци укажуваат дека вработените со привремени работни места имаа скоро трипати поголем ризик (16,2 отсто) од оние со постојани работни места (6,1 проценти) да западнат во сиромаштија – пишува во соопштението на Евростат.
Најмногу работници на раб на сиромаштија во Романија, најмалку во Финска
Стапките за ризик од сиромаштија при работа се разликуваат меѓу земјите-членки на Европската Унија. Евростат регистрирал дека највисока стапка на ризик од сиромаштија кај работниците има во Романија, каде што таа достигнува 15,3 проценти. Потоа следуваат Луксембург со 13,5 отсто, Шпанија со 12,9 проценти, Италија со 12,2 отсто, Велика Британија со 11,3 проценти и Грција со 11 отсто. Најниски стапки на ризик се забележани во Финска, каде што овој процент изнесува само 3,1 отсто, потоа следуваат Чешка со 3,4 проценти, Ирска со 4,9 отсто, Белгија и Хрватска со по 5,2 проценти и Данска со 5,4 отсто.
Најголем пораст во Луксембург, а најголемо намалување во Грција
Во својата анализа, Евростат наведува дека во текот на последната деценија учеството на вработените лица изложени на ризик од сиромаштија се зголемило во поголемиот дел од земјите-членки на ЕУ.
– Најголем пораст на вработените лица на ризик од сиромаштија е забележан во Луксембург и тоа од 4,1 процентни поени. Потоа следуваат Италија (3,2 п.п.), Велика Британија (2,8 п.п.), Унгарија (2,6 п.п.) и Бугарија (2,4 п.п.). Од друга страна, најголем пад е забележан во Грција (- 3,3 п.п.), Летонија и Романија (со – 2,4 п.п.), Португалија (- 2,1 п.п.) и Финска (- 2,0 п.п.) – стои во објаснувањето на оваа статистичка агенција.
И Македонија со висок ризик од сиромаштија кај вработените
Податоците на Евростат покажуваат дека Македонија е во групата на земји со повисок ризик од сиромаштија кај вработените граѓани. Имено, во табелата што ја објавува агенцијата се наведува дека стапката на вработени Македонци, кои се на праг на сиромаштија, изнесува 8,8 проценти, и притоа кај мажите оваа стапка достигнува 10,6 отсто, додека, пак, шест проценти од жените што се во работен однос се на раб на сиромаштија.