Партиите најавуваат економски бум и покрај неизвесноста со корона-кризата
Пониски даноци, автопатишта, технолошки развој, креирање нови работни места се само дел од проектите што ги најавуваат двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во економскиот дел на изборните програми, во обид да привлечат што поголем број гласачи за својата опција. Обете партии сега ги ревидираат програмите по првичното одложување на изборите, кои требаше да се случат на 12 април, но поради епидемијата на коронавирусот сега ќе се одржат на 15 јули. Додека се чека официјалниот почеток на изборната кампања, закажан за 24 јуни, партиите промовираат дел од економските проекти во своите програми со кои очекуваат да ја добијат довербата на граѓаните. Економските приоритети на владејачката СДСМ, според луѓето задолжени за економскиот сектор во оваа партија, се мерки со чија реализација до крајот на годината ќе започне процесот за целосно заздравување на економијата и забрзување на економскиот раст.
– Ја следиме структурата на нашата економија и начините на кои таа е поврзана со другите економии преку извозот, преработувачката индустрија, производството и другите сектори. Кризата ја гледаме и како можност што треба да ја искористиме за да изградиме нова развојна македонска економија базирана на технолошки развој и поддржана од човечкиот фактор како најважен ресурс што го поседува нашата земја – вели претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ, Фатмир Битиќи. Од оваа партија додаваат дека клучен економски момент во нивната програма ќе биде поддршката на граѓаните.
– Клучниот момент во нашата програма ќе биде поддршката на граѓаните. Креираме нови работни места, кои ќе бидат добро платени бидејќи секој граѓанин заслужува подобри примања и подобар животен стандард, исто така овозможуваме сериозна поддршка за младите и отворање нови можности за нивен личен развој и напредок – рече Битиќи. Дополнително, генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски најави зголемување на минималната плата, но и инвестиции во инфраструктурата.
Од друга страна, фокусот на економските проекти во новата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ повторно е во инфраструктурните проекти.
– Најголемото ветување во програмата е изградба на автопат што треба да води од Велес до Прилеп и Битола и до грчката граница. Со овој автопат економски ќе се подигне регионот затоа што пелагонискиот регион учествува со скоро 30 отсто од БДП во Македонија – вели Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Според најавите од оваа партија, на програмата во делот на економијата работи тим од економски експерти.
– Парите што му недостигаат секому ќе се погрижиме да ги има. Обнова што ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за 25 отсто во еден мандат. Просечна пензија на пензионерите за 20 отсто во еден мандат, невработеност под 10 отсто, нула отсто персонален данок на доход за млади до 29 години, рамен данок од осум отсто.
Се обврзуваме за обнова, која ќе донесе раст на БДП за повеќе од четири отсто годишно, 90 отсто реализација на капиталните инвестиции, да нема неасфалтирани регионални патишта, односно целосна реконструкција на повеќе од 1000 километри регионални и државни патишта, две милијарди евра инвестиции во патишта и многу други проекти – најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Економистите што со кои се консултиравме се скептични околу најавите на партиите во делот на економијата.
– Партиите секогаш во предизборниот период влегуваат со големи ветувања за да ги придобијат гласачите, но откако ќе го добијат мандатот најчесто забораваат на ветеното. Тешко е да се коментираат нивните економски проекти како повисоки плати, пензии, нови патишта и слично во време кога беснее епидемијата на ковид-19 во земјава и кога не се знае колку долго ќе трае тоа и какви економски последици ќе остави. Дури и овие три месеца неработење зададоа тежок удар врз економијата, така што малку е веројатно дека идната влада ќе има доволно средства да ги оствари најавите од програмите, особено ако наесен пандемијата продолжи – велат економистите.
Според нив, подобро би било партиите да подготват стратегии за евентуално подолго траење на здравствената криза бидејќи сите индиции токму на тоа укажуваат.