Се очекува светот да западне во најдлабока рецесија во време на мир, бидејќи вирусот ги принудува бизнисите да затворат, а луѓето да останат дома. Сепак, економистите предвидуваат дека рецесијата ќе биде краткотрајна.
Економистите на „ЏП Морган“ сметаат дека светската економија ќе загуби 5,5 илјади милијарди долари или 7,9 отсто од светскиот БДП до крајот на 2021 година. Овој удар се споредува со вкупниот бруто-домашен производ на Јапонија, која е трета по големина економија во светот, чиј номинален БДП изнесува 5,15 илјади милијарди американски долари.
Податоците сугерираат дека САД ќе претрпат загуба од 11,3 отсто, што е уште позначително од падот од 1920-1921 година, кој ја чинеше светската економија околу 10 отсто.
Еврозоната се соочува со пад од 6,1 отсто, веднаш зад Велика Британија, со седум отсто.
За споредба, големата депресија во 1930-тите ги погоди светските економии за околу 4,6 отсто. Претходната депресија, позната како депресијата од 1920 година, исто така била остра дефлаторна рецесија, која започнала во Соединетите Американски Држави и се прелеала во другите земји. Оваа депресија почнала од јануари 1920 и траела до јули 1921 година.
Меѓународниот монетарен фонд треба да ги објави последните предвидувања од својот пролетен состанок, кој ќе се одржи виртуелно од 17 до 19 април.