Најновиот извештај на Светската банка за Западен Балкан покажува дека јавниот долг во земјава достигнал 60 проценти од БДП и се очекува тој да продолжи да расте, но со побавно темпо во однос на минатата година, затоа што економијата е на пат кон закрепнување. Враќањето на патеката на одржливост ќе биде висок приоритет на земјата, а на среден рок изгледите на земјава се позитивни, велат од Светската банка, од каде што напоменуваат дека сѐ уште постојат негативните ризици, бидејќи пандемијата е присутна и ќе остане подолго доколку не се забрза вакцинацијата.
Оцената на Светската банка е дека одговорот на Владата бил навремен и со владините мерки за поддршка на стопанството и на граѓаните е ублажено влијанието од кризата, но се препорачува да продолжи поддршката, која треба да биде понасочена кон оние сектори на кои им е најпотребна, бидејќи државата не располага со неограничени финансиски ресурси, а од друга страна веќе е забележително закрепнувањето во одредени сектори.
– Треба да се биде претпазлив за да не дојде до ерозија на фискалниот простор. Има одредени неизвесности, односно колку ќе трае пандемијата, а од друга страна треба да се одржи одредено ниво на правичност во распределбата на средствата. Треба да се најде баланс меѓу поддршката што се дава и внимателното следење на закрепнувањето на одредени дејности, како и истовременото управување со краткорочните влијанија на пандемијата – вели Сања Маџаревиќ од Светската банка, додавајќи дека во иднина треба да се направи и апликација на владиното трошење за да се поттикне растот.
Заздравувањето, според Светската банка, оди побавно отколку што се очекувало, што најверојатно се должи на вториот и третиот бран од пандемијата. Добро се одржале земјоделството и ИКТ-секторот, а градежништвото е меѓу првите сектори каде што е забележано заздравување во втората половина од годината. Стапката на невработеност опаднала, но не како резултат на новоотворени работни места, туку поради зголемувањето на стапката на активност.
Во следниот период не се очекува продолжување на моменталниот ценовен притисок, кој е забележителен кај прехранбените производи, што е карактеристично и за земјите од Европа.
Како долгорочни политики на кои ќе треба да се насочи Владата ќе бидат градењето силни институции, владеењето на правото, реформите во образованието, инвестициите во човечкиот капитал, дигитализацијата и зелената транзиција.
Извештајот на Светската банка за Западен Балкан покажува дека во овој регион во периодот на пандемијата се изгубени околу 139 илјади работни места, а од 165 до 360 илјади луѓе живеат во сиромаштија. Најлошо рангирана или најпогодена од пандемијата е Црна Гора.