Најголем капацитет за освојување нови пазари или за интензивирање на постојниот извоз имаат компаниите од прехранбениот сектор, фармацевтската, хемиската, дрвната, металската, текстилната и индустријата за мебел
Македонските компании многу години најголем дел од трговската размена ја прават со неколку земји од регионот и од Европа. Германија, Велика Британија, Грција, Србија, Бугарија се дел од земјите со кои најчесто се тргува, а притоа досегашните анализи покажуваат дека најмногу се извезува во соседните земји. Ваквата состојба неизбежно го наметнува прашањето како домашните компании да ги пласираат своите производи на нови пазари, односно во земји во кои досега не биле присутни и има ли рецепт за побрзо пробивање на пазарите во други земји.
– Освојувањето нови пазари е мачна и долгорочна работа, бара стратегија и трпение, нешто што најмалку го имаме. Тоа е работа во која треба да бидат вклучени две страни: од една страна државата, а друга реалниот сектор. Државата е тука да го подобри имиџот на Македонија преку нејзина промоција, затоа се тука економските аташеи, амбасадите, преку потпишување меѓудржавни договори и слично. Од друга страна е реалниот сектор, кој за освојување нови пазари, треба да направи убава стратегија, која ќе каже дали треба да се оди или не со тој продукт или сервис во конкретната земја. Едно е да сакате, друго е тоа да стане реалност. Би го споменал и менаџментот со сите свои стари политики на работење и немањето желба за промени и адаптации на нови услови – вели Калин Бабушку, косопственик на „Македонија – експорт“.
Бабушку посочува дека македонските извозници ги користат земјите од регионот или веќе познатите пазари затоа што со нив имаат веќе изградена соработка, историја, го познаваат јазикот и блиску се. Според него, благодарение на веќе воспоставените релации, купувачите знаат што може да очекуваат.
– Еден од проблемите при освојување нови пазари се самите продукти што се произведуваат или нудат. Многу мал број од нив се адаптирани на потребите на пазарите, туку сакаме да наметнеме нешто што пазарот или не го бара или ако го бара, не го бара во таа форма или карактеристика што ја нудиме.
Исто така, би го споменал и инвестирањето во тимот, кое е најпотребно за развој на една компанија. Новите начини на работење, налагаат постојана едукација за да сте во тек со работите или ако веќе компаниите не се подготвени да го развиваат својот тим, тогаш тука се специјализираните компании што го прават тоа, но и за ова треба да се има желба, знаење и храброст – истакна Бабушку.
Тој посочува дека при освојување нови пазари никако не смее да се заборави на маркетингот и на инвестирањето во промоцијата на производите или услугите.
– Сепак, освојувањето нови пазари не е тешко и невозможно. Прво треба да се запознае пазарот. Најдобар начин да го направите тоа е преку посета на саеми. Јас обично на компаниите им предлагам првата година да одат како посетители на саем, да се запознаат со културата, со продуктите, со луѓето. Потоа следува настап на саеми самостојно или со заеднички настап на повеќе истородни претпријатија. На саем најдобро и најевтино ќе видите и ќе почувствувате дали вашиот продукт е баран и како треба да го позиционирате истиот тој – додава Бабушку.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта… Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали…
Според претставниците на Стопанската комора на Македонија, најголем капацитет за освојување нови пазари или за интензивирање на постојниот извоз имаат компаниите од прехранбениот сектор, фармацевтската, хемиската, дрвната, металската, текстилната и индустријата за мебел.
– За извоз треба да креираме производ што ќе биде соодветно дизајниран, конкурентен и квалитетен, во согласност со стандардите на земјата во која се извезува. Тука треба да поработиме малку повеќе. Светскиот пазар е преплавен од производи, но успеваат само тие што се наметнуваат со квалитет и конкурентна цена – кажа претседателот на Клубот на извозници при Комората Глигор Цветанов, додавајќи дека домашните фирми инвестираат во пораст, но не со исто темпо како странските инвеститори.
Од комората истакнуваат дека за успешен пласман надвор од Македонија е неопходно исполнување на цел сет барања, тргнувајќи од пакувањето, означувањето, стандардизацијата… Притоа истакнуваат дека фирмите треба да имаат и информации за потребите на пазарите и за дистрибутивните канали.
Од вкупниот број регистрирани правни лица во државава, само околу пет отсто или 3.500 компании се извозно ориентирани. Вкупно 81 процент се во категоријата микро и мали компании, 15,8 отсто се средни, а само 3,2 се големи компании. Иако микро и малите компании се најмногубројни извозници, големите компании се моторот што креира дури 80 отсто од вкупниот извоз на стоки во државата.
Според официјалните статистички податоци за трговската размена, 81,1 отсто од извезените производи завршуваат на пазарите во земјите-членки на Европската Унија, а трговската размена со земјите од регионот на ЦЕФТА изнесува 10-12 процента. Најголем трговски партнер е Германија, со која Македонија бележи суфицит во размената. Значајни трговски партнери на земјата ѝ се и Бугарија, Србија, Грција, Италија, Романија, Шпанија, Турција и Велика Британија.