Зацврстување на институционалниот дијалог, протоколи за работа како и финансиска поддршка, особена за оние туристички водичи и придружници кои не остваруваат дополнителна дејност се дел од барањата на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници МАТВП при Сојуз на стопански комори на Македонија.
Потпретседателот на МАТВП, Елвир Садиковиќ, истакна дека веќе четврти месец како трпат големи финансиски загуби заради откажаните аранжмани, а немаат никаква финансиска поддршка и покрај тоа што уредно ги плаќаат даноци кон државата за дејноста која ја остваруваат.
– Финансиската поддршка во моментот е неопходна за туристичките водичи на кои ова им е основна дејност и немаат приходи по било која друга основа. За таа цел нашите апели се да бидеме вклучени во економските мерки, за амортизирање на штетите и опстанок на луѓето кои се занимаваат со оваа дејност која е од особен интерес за државата. Поради тоа со оглед на незавидно тешката положба на туристичките водичи, МАТВП бара неодложно изнаоѓање начин за финансиска поддршка на нашата професија со економски мерки – изјави Садиковиќ и додаде дека Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници има доставено допис до надлежните институции со предлог мерки за ублажување на последиците во дејноста.
МАТВП ја искажува неопходноста од зацврстување на јавно – приватниот дијалог, со сите релевантни чинители во земјата со цел да допринесе со конструктивни предлози и мерки.
– Нашиот сектор обединува околу 1.000 туристички водичи, кои од месец март не остваруваат приходи, како резултат на состојбата предизвикана од глобалната пандемија – додаде Садиковиќ.
Согласно комуникацијата на МАТВП со организациите од регионот и пошироко, состојбата во Србија е слична како кај нас, за разлика од Босна и Херцеговина, Турција и останатите земји каде Владите имаат одвоено средства за туристичките водичи и помош на нашата дејност да ја надмине кризата.