Неисполнувањето на обврските од интегрираните еколошки дозволи А и Б може да биде причина за раскин на концесијата, но не и мислење што може да биде субјективно. На инспекциските органи не им се нужни измени на Законот за минерални суровини за да одземат концесија, кажа Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство
Македонската асоцијација за рударство (МАР) при Стопанската комора на Македонија бара од собраниска процедура да се повлече предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини што се носи по скратена постапка. Тие, исто така, бараат на измените да им претходи јавна расправа на која сите засегнати страни ќе ги претстават своите аргументи.
Претставниците на МЕР истакнуваат дека ова законско решение не може да се носи по скратена постапка и оти евентуалните измени на законот би требало да бидат само во делот на усогласување со Законот за прекршоци. Најспорно во предложениот закон, според компаниите, е тоа што на инвеститорите, на кои еднострано ќе им биде одземена концесија за експлоатација на руда по барање од граѓани во случаи кога се загрозени безбедноста и здравјето на луѓето, им се дава можност да поднесат барање за добивање нова концесија за експлоатација на друг локалитет.
– Рудникот не е куќа за да може да се замени со друг на нова локација и да може веднаш да почне да работи. За да проработи рудник, треба прво да има руда на таа локација и наоѓалиштето да биде економски исплатливо, но и да се исполнат низа услови за да може тој рудник економски да работи – изјави Николајчо Николов, претседател на МЕР во однос на измената на Законот за минерални суровини.
Тој додава дека воопшто не биле извршени консултации со нив при носењето на измените и оти државата нема став и стратегија дали ѝ требаат рудници или не, што според него ќе значи нивното затворање.
Како што објасни Николов, во делот на можноста за одземање на концесијата по барање од граѓаните, треба точно да се одредат критериуми за нарушување на животната средина и за загадувањето, зашто во спротивно законот ќе стане неприменлив.
– И во постојното законско решение има можност за раскин на концесијата доколку не се спроведуваат договорените обврски. Неисполнувањето на обврските од интегрираните еколошки дозволи А и Б може да биде причина за раскин на концесијата, но не и мислење што може да биде субјективно од различни причини. На инспекциските органи не им се нужни измени на Законот за да одземат концесија. Тоа може да го направат и врз база на постојниот закон само треба да има нарушување на договорните обврски – рече Николов и додаде дека, пред сѐ, треба да се зајакнат капацитетите на инспекциските органи.
Тој посочи дека е различна постапката за добивање концесија за рудници за обоени метали и за каменоломи.
– Лично мислам дека не треба да има рудници каде што населението не сака. Не може по секоја цена да се отвораат рудници, но откако ќе се добијат сите документи не може да се раскинува концесијата. Не сме против раскинување договори, но не на ваков начин. Законот мора да даде можност спорот да се решава врз основа на пишани документи, во кои точно ќе биде наведено што значи нарушување на животната средина и какви параметри треба да има за да се смета дека се врши загадување. Затоа не треба во ист кош да се ставаат сите концесии – истакна Николов.
Тој посочи дека во околината на Бучим, на пример, има многу почиста животна средина отколку во Скопје и додаде дека таму никогаш не е поголема концентрацијата на ПМ 10 честички од 30 микрограми на кубен метар.
За концесиите за експлоатација на песок од речните корита и до речните корита кажа дека се злоупотребуваат и оти во таа дејност треба да се стави ред.
На прашање за одземањето на концесијата на рудникот „Казандол“, Николов одговори дека тоа, најверојатно, се прави поради неисполнување на договорните обврски и временски рокови и додаде дека постапката за отворање на рудникот била по најсовремени еколошки стандарди.
Николов информира дека во Македонија има рудници што вработуваат по 13.000 лица, а годишно се извезуваат обоени метали во вредност од 300 милиони американски долари.