Европа е најголемиот извозен пазар за македонските компании, па рестриктивните мерки што претходно ги воведуваа земјите низ Унијата негативно се одразија и врз нашата економија. Колку новите мерки ќе го погодат домашното стопанство, особено компаниите што извезуваат во ЕУ?

АНТИКОВИД-МЕРКИТЕ СЕ РЕФЛЕКТИРААТ И ВРЗ СТОПАНСТВОТО И БИЗНИСОТ

Новите бранови и забрзаното ширење на ковид-19 низ европските земји повторно принудија одредени земји да воведуваат разни забрани и рестриктивни мерки, а Австрија се одлучи дури и за целосно затворање. Во оваа европска земја ќе работат само продавниците за храна и аптеките, додека рестораните, хотелите, културните и забавните објекти ќе бидат затворени до 12 декември. Поради ширењето на вирусот и други европски земји воведуваат забрани, кои пред сѐ се насочени кон невакцинираните граѓани, забранувајќи им влез во одредени објекти.
Европа е најголемиот извозен пазар за македонските компании, па рестриктивните мерки што претходно ги воведуваа земјите низ Унијата негативно се одразија и врз нашата економија. Колку новите мерки ќе го погодат домашното стопанство, особено компаниите што извезуваат во ЕУ? Но и дали сега компаниите поподготвено ќе го дочекаат затворањето и ќе можат да одговорат на новите рестриктивни мерки, со поразличен пристап кон клиентите и промовирање на своите продукти преку интернет-платформите?
Упатените укажуваат дека по неколкумесечната неизвесност, овој период нарачките од странство почнале да добиваат континуитет, но стравуваат дека новите рестриктивни мерки негативно ќе се одразат и повторно ќе ја разнишаат континуираноста, која им е неопходна за планирање на бизнисите.

– Новите карантински мерки во европските држави, секако, ќе предизвикаат проблеми во македонското стопанство. Да се надеваме дека овој карантин нема да потрае подолго време и дека последиците ќе бидат помали. Во овој период, по долга борба, како состојбата да се стабилизира и почнаа нарачките од Западна Европа да добиваат некаков континуитет, а новите затворања можат да го нарушат тој континуитет. Се разбира дека секторите што при првите затворања на европската економија најмногу страдаа повторно ќе бидат на удар. Тоа се секторите што се директно зависни од финалната потрошувачка во европските држави. Во услови на карантин само потрошувачката на храна може да задржи некое ниво од пред кризата, додека сите други производи и услуги се со многу намалена продажба. Такви се текстилот, обувките, белата техника и други малопродажни артикли – објаснува претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.
Тој посочува дека многу е значајно овој период да нема блокади на синџирите на снабдување и да нема прекини во испораката на суровини и репроматеријали, како што имаше во претходните обиди за стопирање на ширењето на вирусот.
– Да се надеваме дека синџирите на снабдување нема да трпат големи последици, бидејки во тој случај ќе трпи и домашното производство поради отежнатиот дотур на суровини и репроматеријали – додава Димитров.
Дека рестриктивните мерки што се воведуваат за сузбивање на вирусот можат негативно да влијаат врз домашната економија потврдуваат и од Народната банка, од каде што потенцираат дека постојано се следи ситуацијата.

– Движењата кај основните макроекономски параметри се главно во рамките на очекувањата, а последните проекции не упатуваат на поголема промена на макроекономската слика во споредба со претходните оцени. Неизвесноста од пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму постои, додека ризиците се поизразени и главно надолни. Оттаму, и Народната банка продолжува со внимателно следење на движењата и ризиците од домашното и надворешното окружување, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика – посочуваат од НБ.
Новиот претседател на Сојузот на Стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, за влијанието на пандемијата врз економијата и за тоа дали домашната економија веќе излегува од оваа криза, вели дека ќе ни биде потребно долго време за да закрепнеме од неа.
– Кризата не е завршена. Ние уште не сме го достигнале економското ниво од 2019 година. Поради пандемијата ќе бидеме во временска дупка од три години – вели Ангелоски и посочува дека во компаниите мора да има новитети, дека и тие треба да се приспособат на промените, во спротивно ќе треба да затворат.
Дека пандемијата има удел во менување на навиките кај граѓаните посочуваат и податоците за онлајн пазарувањето, каде што има голем раст на трансакциите. Наедно се забележува раст на купувањето од онлајн продавници регистрирани во нашата земја, за разлика од периодот пред пандемијата кога нашите граѓани повеќе пазареле од странски компании.

– Пред две години структурата на пазарување беше 40 отсто кон домашни компании, сега 74 проценти од вкупната вредност на набавките преку интернет е кон домашните трговци. Минатата година имавме трицифрен раст во трансакциите кон домашните е-трговци, а сега тој раст во првото полугодие изнесува 77 отсто – вели Нина Ангеловска од Асоцијацијата за е-трговија. Таа објаснува дека во согласност со овие податоци, во просек Македонците купуваат од еднаш до два пати на три месеци преку интернет, но потенцираше дека сепак, споредено со европските земји, кај нас најмалку се пазарува преку интернет.
– Најчестиот износ на нарачките е до 50 евра, а тоа е слично со соседните земји, но тоа нѐ става на дното во Европа по однос на висината на нарачките што се прават. Најчесто се купуваат облека и спортска опрема, но Македонците од земјите во регионот најмалку купуваат мебел, производи за домаќинство, храна или порачки од ресторани. Наедно сме меѓу последните, заедно со земјите од регионот во користење е-банкарство и не може да кажеме дека бележиме значаен прогрес. Ние како асоцијација сме свесни за пречките и предизвиците, продолжуваме да работиме за да креираме подобра клима за е-трговија, за што многу е важно да го искористиме овој исклучителен момент за да ја забрзаме трансформацијата кон дигитално општество – посочи Ангеловска.