Со измените на Законот за данок на имот стапките на данок за недвижен имот што не се користи и не се издава под закуп подолго од шест месеци во годината, без оглед дали е во сопственост на државата, општините или во сопственост на физички и правни лица се зголемува за трипати
СО ПЛАНИРАНИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ОД 2022 ГОДИНА
Најавените измени на полето на даночната регулатива веќе се доставени во Собранието каде што можат да се видат планираните измени на Законот за даноци. Поголем данок за имот што не се користи, нова процена на пазарната вредност на имотите на секои четири години, но и пет пати повисок данок на имот доколку сопствениците на недвижноста не пријават дека истата таа не се користи.
– Основна причина поради која се вршат изменувања и дополнувања на Законот за даноците на имот е да се изврши усогласување на текстот на законот со позитивната законска регулатива во Република Северна Македонија, како и текстот на Уставот на Република Северна Македонија, како и да се изврши промена на одредбите што се однесуваат на даночните стапки. Истовремено, се предлага ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот (репроцена), која претставува даночна основа на данокот на имот од страна на општините, општините на Град Скопје и Град Скопје да се врши на секои четири години од причина што може оперативно, односно на терен да има промена на фактичката состојба, а за која проценителите и општинската администрација не се запознаени и со тоа приходите во буџетот на единиците на локалната самоуправа може во тековната година да бидат многу пониски од предвидените – се наведува во предлог-текстот за измени на Законот за данок на имот.
Во законските измени е посочено дека стапките на данокот на имот остануваат во рамката што и досега е пропишана. Сепак, со предложениот закон се пропишува одредба со која стапките на данокот на имот за недвижен имот што не се користи од страна на сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, без оглед дали е во сопственост на државата, на општините или во сопственост на физички и правни лица се зголемува за трипати во однос на стапките пропишани со законот.
– Во контекст на наведеното, со овие предложени измени на законот, физичките, правните лица, државата и општините по однос на обврските и правата во делот на даноците на имот ги прави целосно еднакви пред Уставот. По однос на земјоделското земјиште, стапките на данок на имот на истото тоа што не се користи за земјоделско производство се зголемуваат за трипати во однос на основните стапки.
Оттука, практично во овој дел стапката што беше за пет пати повишување е предложено да се избрише – се посочува во предлог-текстот. Дополнително, во предложените измени се пропишува и дека државата, општините, општините во Град Скопје и Град Скопје, како и физичките и правни лица што нема да пријават дека одреден недвижен имот не го користат, ќе платат данок што ќе биде за пет пати повисок од пропишаниот.
Одредбите од овие законски измени треба да стапат во сила од први јануари 2022 г.