РЕК „Битола“ почна со ремонтните активности предвидени за годинава. До средината на ноември ќе бидат направени редовни ремонти на Блок 1 и Блок 3 и капитален ремонт на Блок 2.
Блок 1 ќе биде во ремонт до 3 јуни, по што следува ремонт на Блок 3 од 4 јуни до 7 јули. Ова денеска им беше соопштено на новинарите на прес-конференцијата во РЕК „Битола“.
– Осум години по модернизацијата, годинава капитален ремонт ќе биде изведен на Блок 2. Ремонтните активности на овој блок ќе траат од 15 август до 15 ноември. За ремонтите на блоковите предвидени се повеќе од 10 милиони евра. Зафатите ќе ги изведуваат фирми искусни во својата работа, кои заедно со подизведувачите се претежно од Битола и регионот, со што Комбинатот индиректно ја поддржува локалната економија – истакна првиот човек на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски.
Според Ковачевски успешната реализација на ремонтите треба да обезбеди стабилно производство на електрична енергија, особено во текот на зимата. Таков беше случајот претходната грејна сезона во која РЕК „Битола“ работеше непрекинато, со максимален капацитет на сите три блока 81 ден, состојба која во Комбинатот не беше забележана последите 6 години.
Со ремонтот на блоковите, АД ЕСМ и РЕК „Битола“ имаат за цел не само да ја зајакнат стабилноста на електроенергетскиот систем туку и да го зголемат производството на електрична енергија, да ги намалат трошоците на производство, а заштедите и приходите од работењето да ги инвестираат во капитални проекти, пред сѐ за заштита на животната средина.
Така, за време на капиталниот ремонт на Блок 2, ќе почне и санацијата на разладната кула на овој блок за што се предвидени над шест милиони евра. На неа ќе се отстранува азбестниот плашт за што тендерската постапка за избор на изведувач е во тек. Со оваа активност РЕК „Битола“ уште еднаш потврдува дека сериозно има намера да инвестира во проекти кои значат подобрување на еколошките перформанси. Најголема потврда за тоа е тендерот за реконструкција на електростатските филтри во висина од 20,4 милиони евра, истакна генералниот директор на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски.
М.М.