Поради економската криза се намалува работна сила од Македонија што работи на пазарите низ Европа, што ја ублажуваше економската ситуација во земјава во последните години. Според домашните експерти, можностите за сезонска работа и мигрирање ќе се намалат, а тоа дополнително ќе го влоши животниот стандард
Предупредувањата дека оваа здравствено-економска криза ќе остави без работа голем број граѓани одамна почнаа да се остваруваат, но уште поголема загриженост се создава поради фактот што расте невработеноста и низ Европската Унија, каде што работат голем број од нашите сограѓани. Домашните експерти посочуваат дека дополнителен удар ќе биде и неможноста на нашите сограѓани да најдат работа во странство, процес што го намалува притисокот во земјава.
– На краток рок државата успеа да избегне оваа криза да биде сериозен удар, преку задолжувањето, но сметам дека во наредниот период ќе донесе дополнителни економски проблеми. Тие ќе вклучуваат губење на работните места, особено во угостителството и туризмот, каде што и така се вработени ниско платени работници. Дополнително ќе има прелевање на економската криза и од нашите трговски партнери, каде што ситуацијата со коронавирусот е многу посериозна. Нашата економија денес е многу поинтегрирана меѓународно отколку што беше за време на финансиската криза од 2008-та, за да се мисли дека влијанието ќе биде минимално – посочува економистот Здравко Савевски.
Савевски истакнува дека кризата ќе ја влоши состојбата со невработеноста и со сиромаштијата во земјава, како поради губењето на работните места во Македонија, така и поради стопирањето на извозот на работна сила.
– Економската криза ќе го минимизира издувниот вентил на извозот на работна сила од Македонија, што ја ублажуваше економската ситуација во Македонија во последните години. Во земјите од јадрото на капитализмот, имигрантите, вклучувајќи ги и тие од Македонија, се една од најранливите категории работници. Тоа значи дека тие ќе ги намалат своите дознаки што ги испраќаат во Македонија, а некои и ќе бидат принудени да се вратат во Македонија. Од друга страна, можностите за сезонска работа и мигрирање ќе се намалат и за работниците од Македонија, со реперкусии и по невработеноста и по животниот стандард – нагласува Савевски.
Во меѓувреме расте бројот на невработени низ целиот свет, како и во земјите-членки на ЕУ. Неодaмна германскиот економски институт „Ифо“ посочи дека поради корона-кризата 7,3 милиони луѓе работеле со скратено работно време. Претходно беше посочено и дека бројот на невработени лица се зголемил по избувнувањето на пандемијата. Невработеноста, пак, во Австрија во текот на минатиот месец се зголемила за 174 илјади лица, а истиот процес бил забележан и во Италија, Франција и во Шпанија.
Токму ваквите податоци за европските земји се причина повеќе за раст на сиромаштијата во земјaва. Домашните експерти укажуваат дека покрај враќање на лицата што работат во европските земји, може да ни се случи и значително намалување на средствата што лицата што работат во странство им ги испраќаат на своите фамилии во земјава.
Во Македонија во периодот до 11 март до 31 мај годинава, 11.904 лица станале невработени, а за нив претходно имало регистрирано пријава за задолжително социјално осигурување, објавија од Агенцијата за вработување. Од вкупниот број нови невработени, 5.703 лица се поради истек на договор за вработување на определено време, 3.082 лица поради спогодбен престанок на работен однос, 1.169 лица поради отказ од работодавецот… Притоа, 4.230 лица, или 35,5 отсто од новоневработените лица се од преработувачката индустрија, од трговијата на големо и трговија на мало 2.324 лица, или 19,5 проценти, а од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна 1.432 лица, или 12 отсто.
– Доколку потрае пандемијата подолго, сметам дека ќе ни биде навистина многу тешка економска година. Во текот на летните месеци заживува економијата и поради престојот на дијаспората. Без нив, дополнително ќе се влошат состојбите. Можеби ова ќе биде добар показател за оние што го негираат нивниот импакт да сфатат колку се важни иселениците за нашата економија. Јас за оваа „економска инфузија“ пишувам над 25 години, ама некој сѐ уште не може да се помири со фактот дека тие средства се пресудни за наше преживување – истакна универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.
Истражувањето што го спроведе Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ) меѓу домашните компании покажало дека девет сектори во кои се ангажирани 62 проценти од вкупниот број вработени во стопанството се најмногу погодени од кризата, а дури 40.000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик. Истакнаа дека без адекватни мерки и поддршка за овие компании и вработени, сегашната стапка на невработеност во земјата ќе се зголеми и до пет процентни поени.
Меѓународната организација на трудот (МОТ) неодамна посочи дека поради пандемијата на ковид-19 на светско ниво се стравува дека би можело да бидат загубени 305 милиони работни места.