Растот на вредноста на биткоинот која утринава изнесува 50.068 долари (зголемување од 1,78 отсто) го поттикна гледиштето дека криптовалутите претставуваат возбудлив, профитабилен и модерен начин за инвестирање, кој многумина го сметаат за шанса за брза и лесна заработка. И втората најпозната криптовалута етер, исто така расте. За 24 часа, нејзината вредност се зголеми за 2,09 отсто и засега се тргува по цена од 3.328 долари. Но, за најголемиот „чувар“ на пазарот на криптовалути, Гери Генслер, шефот на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), тој свет наликува на „Дивиот Запад“, поради што тој ветува големи промени, пренесе американското радио „Ен-пи-ар“.
Голем број луѓе, како и инвеститорите, привлечени од големите приноси, почнаа да купуваат и тргуваат со криптовалутите. Во изминатата година, вредноста на биткоинот се зголеми за 300 отсто, и сега пазарот на криптовалути вреди околу два трилиона долари. Биткоинот во април забележа највисок рекорд од над 64.000 долари, но потоа следеше пад на цената до 30.000 долари во јуни и во јули. Ова во голема мера се должи на построгата регулатива од кинеските власти, што доведе до прекин на копањето на биткоини во Кина и преместување на таа активност во други земји.
Но, високите добивки и растот на вредноста привлекоа и грабливци. Изминативе месеци, хакерите бараа исплати за откуп на биткоини, бидејќи валутата е лесно пренослива и тешко може да се пронајде и следи. Досега имаше повеќе извештаи за кражби при размена на криптовалути, а на тој начин хакерите лесно доаѓаат до виртуелниот посед на луѓето. Во неодамнешен говор, Генслер го осуди недостатокот на транспарентност и јасни регулативи и вети дека комисијата ќе преземе мерки за заштита на инвеститорите.
– Инвеститорите навистина не добиваат информации за да го проценат ризикот и да го разберат истиот. Ако не ги решиме клучните прашања, се плашам дека многумина ќе бидат повредени – изјави Генслер.
Процесот сѐ уште на самиот почеток, но според него, пазарот се развива многу брзо, а регулативите не држат чекор, што остава милиони луѓе кои тргуваат со криптовалути и со поврзани средствва без јасно дефинирани правила за тргување.
Засега, КХВ се обиде да ги контролира криптовалутите со закони што веќе постојат, иако се напишани за други видови на средства, како што се акциите од вредност или обврзници. КХВ најверојатно ќе се фокусира на потенцијалот за манипулација со пазарот, одредувањето на основните права за инвеститорите кои се аматери и воведувањето на поголема транспарентност при тргувањето.
Досега, професионалните инвеститори велат дека ќе ги прифатат новите прописи – сѐ додека истите не се премногу строги. Многумина веруваат дека новодонесените регулативи можат да придонесат криптовалутите во поголема мера да навлезат во секојдневниот живот на луѓето. Некои компании веќе објавија дека ќе започнат да прифаќаат криптовалути како средство и начин на плаќање, како што е случајот со „Пејпал“, кој соопшти дека ќе започне нова услуга во Обединетото Кралство, за да им овозможи на луѓето да купуваат, чуваат и продаваат дигитални валути.