Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните и компаниите продолжуваат да се задолжуваат кај комерцијалните банки, а кон растот на задолженоста, освен вообичаените потреби, придонесува и пандемијата на коронавирусот, објаснуваат упатените по објавувањето на најновите податоци на Народна банка.
– Во септември, вкупните кредити бележат месечен раст од 0,8 отсто, како резултат на растот на кредитирањето на двата сектора, при поголем придонес на секторот „домаќинства“. Годишниот раст на вкупните кредити изнесува 7,3 проценти и произлегува од зголеменото кредитирање кај двата сектора, кое е поизразено кај секторот „домаќинства“ – наведува НБРСМ во својот извештај.
Поранешниот гувернер и универзитетски професор, Томе Неновски, објаснува дека растот на кредитирањето на населението е очекувано за економија што се развива, но исто така кон вкупниот раст придонесуваат и пандемијата и нејзиното влијание врз економијата.

– Поради присуството на здравствената криза, фирмите мора да ја продолжат и/или да ја одржуваат својата репродуктивна активност и во такви услови за да нема поголем застој, што повеќекратно негативно би се одразило врз нивото работење, а можеби и врз нивниот статус во послекризниот период, земаат кредити. Поголем број фирми веќе се соочени со застој во своето работење, имаат намалени испораки на коминтенти, намален извоз, поголем број лица заболени од коронавирусот, во изолација или самоизолација поради вирусот итн. Сево ова има негативно влијание врз нивната продуктивност, остварувањето на планираното производство, (не)реализацијата на претходно преземените обврски, големината на нивните приходи и слично и ги присилува да земаат краткорочни кредити за исплата на суровини, репроматеријали, но и на плати, за да се бајпасира овој кризен период и тие колку-толку непречено да ја вршат својата дејност – објаснува Неновски.
Наедно, универзитетскиот професор истакнува дека нагорната линија на кредитирање на граѓаните се должи на долгорочните планови, но е резултат и на корона-кризата, која им ги намали приходите на одредени семејства или, пак, целосно ги остави без доход.

– Кај граѓаните кредитирањето се одвива со стандардно темпо првенството поради преземените обврски за купување стан, но и поради потребата за земање потрошувачки (краткорочни) кредити за надоместување на намалените приходи во овој кризен период. Разбирливо е дека одреден број граѓани што се соочуваат со намалени приходи во овој период (намалени плати, привремено опуштање од работа, а за некои и целосно отпуштање од работа) имаат потреба од кредити, кои во голема мера се насочени кон обезбедување нормална егзистенција во овој кризен период – дополнува Неновски и додава дека и покрај раст на кредитирањето, се забележува и раст и на депозитите, иако со забавено темпо.

Податоците покажуваат дека минатиот месец кредитите дадени за стопанството имале раст на месечна основа од 0,3 отсто, додека, пак, во споредба со истиот месец минатата година кредитите за корпоративниот сектор се зголемени за 5,2 проценти, како резултат на порастот на кредитите во денари и странска валута, кој е поизразен кај кредитите во странска валута.


Сѐ повеќе кредити за станови, сѐ помалку за автомобили

Кредитите одобрени за граѓаните бележат месечен раст од 1,2 процент, додека на годишна основа растот изнесува 9,5 отсто.
– Во септември, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, остварија месечен раст од 1,3 и 1,5 проценти, соодветно и годишен раст од 9,9 и 14 отсто, соодветно. Автомобилските кредити, во септември, бележат месечен раст од 1,7 процент, додека на годишна основа се намалени за 7,9 отсто. Кредитите одобрени на кредитни картички забележаа месечно зголемување од 0,7 отсто, при годишен пад од 2,6 отсто, додека негативните салда на тековните сметки се зголемени за 2,1 отсто, на месечна основа, при годишен пад од 10,8 проценти. Кредитите одобрени врз други основи, овој месец, забележаа месечен и годишен пад од 0,5 и 6,7 отсто, соодветно – се наведува во соопштението на НБРСМ.