Предупредувањата за распрснување на кинескиот инвестициски меур од 1,3 трилиони долари би требале да го засегаат Балканот, кој е составен дел од кинеските глобални планови за инвестирање во инфраструктурни проекти.
Директорот на американската Корпорација за финансирање на меѓународен развој, Адам Боулер, во разговор за „Фајненшл тајмс“ предупреди дека инвестицискиот меур на Кина за вложување во инфраструктурата несомнено ќе се распадне, што ќе доведе до уривање на одредени економии во развој. Тој истакна оти кинеските меѓународни инвестиции се „100 отсто“ како кула од карти поради „преголемите долгови, лошата инфраструктура, митото и недостигот од транспарентност“.
– Се се врти во круг. Само е прашање на време. Ние треба да бидеме тука како алтернатива бидејќи можам да видам како Кина ќе собори цел куп држави во развој. Ќе има повеќе пукнатини и тогаш стаклото ќе се скрши – посочи Боулер.
Кинескиот подем на Западен Балкан е длабоко вкоренет откако кинескиот претседател Си Џинпинг ја најави иницијативата „Појас и пат“ во 2013 година. Преку проектот за изграба на мостови во Хрватска, инвестициите во енергетскиот сектор во БиХ и развојот на 5Г мрежата во Србија, Пекинг го претвори Балканот во важна крстосница, во обидот за засилување на извозот во Европа и за олеснување на патот на директните странски инвестиции во Кина. Потпишувањето на 16 трговски договори од разновидни области како банкарството, туризмот и сончевата енергија помеѓу Грција и Кина, во текот на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Грција минатиот месец, ја потврди „новата ера“ во билатералните врски помеѓу двете држави. Познавачите на состојбите наведуваат дека владата во Атина се обидува да профитира од грчката улога како „портата на Кина“ кон Европа.
Критиките на глобалните инвестиции на Пекинг, вклучувајќи ја иницијативата „Појас и пат“ се среќаваат се почесто во Вашингтон во изминатите неколку години, претставувајќи значајна димензија во кинеско-американското ривалство. Голем број на држави во развој во Азија, Африка и Латинска Америка бенефитираа од приливот на кинески пари за помагање на инфраструктурните проекти. Боулер тврди дека, иако финансирањето на САД не е толку брзо, тоа доаѓа со повисоки стандарди и подобри резултати.