Бројките покажуваат дека просекот во Европската Унија за БДП по жител е околу 36 илјади евра, додека кај нас само шест илјади евра по жител. Токму поради овие причини, домашните експерти редовно укажуваат дека на Македонија ѝ се потребни многу поголеми стапки на економски раст и дека со стапките што досега сме ги остварувале вечно ќе заостануваме зад просекот на Европа
АНАЛИЗА: КАКО ДО ПОУСПЕШНА ЕКОНОМИЈА (2)
Македонската економија драстично заостанува зад европската, особено зад развиените европски земји, за што конкретен показател е бруто-домашниот производ (БДП) по жител. Разликата меѓу нашиот раст на БДП по човек и европскиот е драстична и неспоредлива, и наместо да се намалува, односно да ѝ се приближуваме на Унијата, за македонските граѓани јазот станува сѐ подлабок, а разликите поголеми. Бројките покажуваат дека просекот во Европската Унија за БДП по жител е околу 36 илјади евра, додека кај нас само шест илјади евра по жител. Токму поради овие причини, домашните експерти редовно укажуваат дека на Македонија ѝ се потребни многу поголеми стапки на економски раст и дека со стапките што досега сме ги остварувале вечно ќе заостануваме зад просекот на Европа. На Македонија, ако сакаме да напредуваме, ѝ се потребни стапки на раст од 10 и повеќе проценти, велат експертите и потенцираат дека „излезот“ од слабата развиеност лежи во реалната економија.
Беџети: Двоцифрени стапки на одржлив раст и многу напредок за зајакнување на институциите
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека стратегиската определба на нашата земја и потребата за интеграција во ЕУ не ги доведува во прашање никој од клучните и релевантни субјекти, било да се тие политичките партии било да се другите релевантни чинители во општеството.
– Ако епилогот на оваа цел се гледа „низ економска диоптрија“ и според економските критериуми, посебно таа цел да бидеме на 60 отсто од просекот на БДП во ЕУ, ќе ни требаат многу години за да го достигнеме нивото на ЕУ.
Тој смета дека препесимистички звучи и изгледа ако се постави таква споредба, затоа што тоа повеќе од 15 години и не се бара од апликантите/кандидати на ЕУ.
– Има земји што се веќе над 10 години членки на ЕУ и ден-денес не го постигнуваат тоа, како на пример Бугарија – нагласува Беџети.
Професорот потсети на една своја анализа направена пред повеќе од 20 години, поточно во 2000 година. Тој направил економска пресметка, се разбира според економските критериуми, и резултатите покажале дека во најоптимистичко сценарио, под одредени претпоставки, Македонија би се зачленила во 2020 година во ЕУ, додека според најпесимистичкото сценарио тоа би било во 2025 г. Тој признава дека калкулациите од анализата не се оствариле, а дека всушност ни требаат двоцифрени стапки на одржлив раст и многу напредок за зајакнување на институциите.
– Мојата анализа покажа дека во најоптимистичкото сценарио, Македонија треба да расте со 5-6 отсто, а пак ЕУ да стои во место и тогаш би се постигнало тоа ниво во 2020 година, додека во најпесимистичката варијанта тоа би се постигнало во 2025 година. Но, еве, денес сме 2021 година и сѐ уште го немаме достигнато европското ниво. Нам ни требаат многу повисоки стапки на одржлив раст, но најмногу заради нас, а не заради ЕУ. Ние имаме проблем со слаби институции, со сѐ уште висока корупција, со неефикасно судство и јавна администрација, со слабо образование, лош здравствен систем, неефикасна распределба на јавните ресурси, лошо управување со јавните институции и претпријатија, социјално неодржливи фондови. Не се потребни стратегии за во рафтови, туку прагматични мерки, започнувајќи од структурните реформи, па до поддршката на секторите и проектите каде што има таков потенцијал како лесната преработувачка индустријата, енергетиката и екологијата, ИКТ-секторот, образованието и здравството, тие би биле најбрзорастечки сектори и проекти откако би се реконструирале институциите, судството, јавната администрација – објаснува Беџети.
За среќа, вели тој, веќе оваа година, според Светската банка, растот се коригира на 4,6 отсто, идната година се проектира економски раст од околу 4,6 отсто што, како што споменува тој, го смета за многу реален од аспект на (макро)економски политики и посебно од аспект на управување на јавните финансии и фондови.
– Освен тоа, од овој аспект веќе се драфтираат и се дизајнираат политики базирани на анализи, евиденции, широки консултации и очигледно тие даваат резултати. Се генерираат конкретни плански документи и извори за финансирање на одржливиот економски раст на среден рок (2022-2026). Сепак, тоа е само еден сегмент и покрај тоа што е многу важен. Слична постапка ќе треба и кај другите институции поради поефикасни индустриски политики за да се подобри бизнис-климата за реалниот сектор – појаснува Беџети.
Рафајловски: Балканска федерација,милиони потрошувачи, со обезбедени исти даночни правила и инфраструктура, да нема граници и да нема царини…
Бизнисменот Горан Рафајловски, добар познавач на економските текови во домашното стопанство, укажува дека забрзан економски раст или раст што ќе овозможи стандардот на Македонците да се приближи до европскиот стандард недостасува, пред сѐ, бидејќи државата не направила стратегија за развој на економијата.
– Иако има триесет години од осамостојувањето, ние не успеавме да направиме национална стратегија за развој на економијата, туку се потпираме на политички програми. Треба да биде обратно, потребна е стратегија, врз основа на која ќе се прават политичките програми. Недозволиво е кој дојде на власт да ги стопира почнатите програми и да се однесува како да почнуваме од нула. Ни требаат континуитет, развој, изградба, а ние тапкаме во место. Инфраструктурата ни е на многу лошо ниво, патиштата се неразвиени, автопатиштата недоволни, некомплетирани, за железницата да не почнуваме. Дополнително што и енергетскиот сектор го запоставивме целосно, па сега и тој е на раб на колапс, кој ќе се одрази врз севкупното население. Капацитетите не работат, нови не изградивме, зависиме од увоз, а сега и нема од каде да увезуваме, па добиваме опомени. Исто така и образованието ни е девастирано, иако е многупати кажувано, сепак, состојбите не се подобруваат. За да имаме квалитетна работна сила што ќе продуцира економски раст, потребно е квалитетно образование, кое кај нас е речиси целосно уништено. Децата кога почнуваат на работа речиси ништо не знаат, неопходни им се обуки, а откако ќе ги завршат обуките заминуваат во странство – укажува Рафајловски.
Тој потенцира дека сегашните состојби во нашата држава не влеваат надеж за брз развој во иднина, посочува дека со стратегија за развој би се дефинирале нашите намери, дали ќе се развива земјоделство, а преку негова преработка ќе се тежнее кон поголем извоз или, пак, ќе се цели кон развој на ИТ-секторот или некои други области.
Наедно, Рафајловски укажа и на нашиот статус на земја-кандидат за членство во Европската Унија, на нашите долгогодишни преговори за влез во Унијата, кои се безуспешни, а од друга страна, укажува Рафајловски, државата не размислува за алтернативи.
– Сериозен предизвик е да се формира балканска федерација меѓу земјите од Балканот што не се дел од Унијата и кои со формирање на еден заеднички пазар ќе можат меѓусебно да се поддржат во напредокот. Со формирање балканска федерација би имале пазар од 20 милиони потрошувачи, но притоа треба да се обезбедат исти даночни правила и инфраструктура, да нема граници и да нема царини. Ако вакво нешто се договори на Балканот, ќе имаме поголеми шанси за развој, но секако за да функционира тоа ни требаат владеење на правото и ослободување на земјите и граѓаните од национализми – посочува Рафајловски.
Бизнисменот смета дека една од кочниците за развој на домашната економија е образованието, каде што не се образова кадар подготвен за работните предизвици, поради што посочува дека бизнисот мора да вложува во обуки на работниците.
– Компаниите може да ја имаат и најсовремената опрема, но ако немаат квалификуван кадар што ќе работи со неа инвестициите се залудни. Ние сега веќе немаме работна сила што е квалификувана или образована, но дополнително немаме ниту политичка стабилност или, пак, сигурен правосуден систем, кои се неопходни за развој на бизнисите. Се ветува раст на платите, но од ова што сега се случува на сите ни е јасно дека растот на цените ќе биде многу поголем отколку растот на платите. САД како светска велесила посочуваат дека инфлацијата ќе продолжи до средина на 2022 година, а ние очекуваме да нема инфлација, што е невозможно, земајќи ја предвид нашата увозна зависност. За жал, недостигаат идеи за развојот, доминираат дневнополитичките политики и агенди, а не се решаваат големите проблеми и тешко може да очекуваме стапки на раст на економијата што би резултирале со видливо подобрување на животниот стандард на граѓаните – потенцира Рафајловски.
Петранка Огнаноска
Катерина Михајлова
(продолжува)