Во пресрет на 1 мај
Македонија нема јасна политика за флексибилност на работните односи и за заштита на работниците, идните напори не треба да се насочени кон нови и повисоки работнички права, туку кон вистинска примена на постојните права, кои масовно се кршат
Нередовни плати, неплатени придонеси, повреди на работните места, експлоатација, десетчасовна работа на градежни скелиња, покрај машини за шиење или зад компјутери во канцеларија без ниту денар плус за прекувремените работни часови е генерално состојбата во Македонија. Во ваква ситуација се голем дел од македонските работници, а наедно и многу од вработените се сиромашни. Иако минималната плата се зголеми, синдикалците велат дека сѐ додека таа не стигнува да ја покрие основната потрошувачка кошница за четиричлено семејство, не може воопшто да стане збор за некаков напредок на стандардот на работниците.
Според неодамнешното истражување што го има направено институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, 69 отсто од работниците се соочиле со прекршување на работничките права поврзани со плаќањето на трудот. На 4,3 отсто им било речено да се одјават, па да се вратат на работното место, на 4,4 отсто им било побарано дел од платата да вратат во кеш. Околу 4,6 отсто не се осигурени и треба да кријат ако дојде инспекција, 14,7 отсто се осигурени на помалку часови од реално што работат, 19,1 отсто не ги добиваат или ги добиваат, па ги враќаат задолжителните додатоци како К-15. Потоа, околу 21 отсто добиле плата во плик покрај плата на сметка, 24,5 отсто од вработените не можеле да ги искористат во целост законските загарантирани денови од одмор, и на 31,7 отсто не им се плаќаат прекувремена работа и работата за празници и викенди според закон.
– Прашањето на обемот и заштитата на работничките права не е само предмет на расправа во недоволно развиените држави, туку и во најразвиените економии во светот, затоа што ова прашање може да се разгледува од две страни. Првата страна се правата на работниците и нивната заштита, а втората страна е колку тие права се пречка за развој на бизнисот и севкупната економија – објаснува Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.
Како што вели тој, сепак, кај развиените држави во последните години е прифатена една парадигма што се нарекува „флексигурност“, како комбинација од лесно вработување и отпуштање од работа.
– Идејата произлегува од свеста дека на глобализацијата и технолошкиот развој им се потребни брзи структурни промени, кои бараат од работодавците постојано да ги менуваат нивните производи и услуги и да се приспособуваат на пазарот. Оттука се појавува потребата од преквалификација и обуки на работниците, но и поголеми технолошки реорганизации – истакнува Димитров.
Од друга страна, вели тој, работниците се загрижени за своите работни места и бараат заштита од своеволното отпуштање од работа од страна на работодавците, поголеми испратнини и други права од работен однос.
– Со други зборови „флексигурноста“ значи полесно да се креираат нови работни места наспроти напорите за задржување на постојните. Сигурноста на работниците денес се обезбедува со постојана обука и преквалификација, доживотно учење и висока социјална заштита – додава Димитров.
Според него, Македонија нема јасна политика за флексибилност на работните односи и заштита на работниците. Таа од една до друга влада се менувала како резултат на тековните политички потреби, а не како резултат на изградена долгорочна стратегија.
– Денес во Македонија се соочуваме со состојба на висока заштита на работниците во законите и општиот колективен договор, а многу лоша имплементација и примена на законите. Затоа идните напори не треба да се насочени кон нови и повисоки работнички права, туку кон вистинска примена на постојните права, кои масовно се кршат – споменува претседателот на ОРМ.
Димитров вели дека наоѓањето вистински баланс помеѓу поголемата флексибилност, која ќе ги охрабри бизнисмените да отвораат нови работни места и ќе ги направи конкурентни на светските пазари, и сигурноста на работниците дека брзо ќе им се овозможи ново вработување преку преквалификација и обуки е вистинскиот пат кон кој е потребно да се движиме.
– Притоа не треба да се заборави и социјалната сигурност на ранливите групи од населението, кои не можат да се доквалификуваат или не се способни да најдат вработување на пазарот на работна сила – нагласува тој.
Од Министерство за труд и социјална политика велат дека синдикалното организирање е пресудно во борбата за подобри работни услови и плати.
– Работниците мора сами да се борат за сопствените права. Тука секако е министерството да ги поддржи и да ја подобрува законската регулатива. Затоа, се планира соодветна ревизија на законската регулатива за да се поттикне синдикално организирање и колективното преговарање. Покрај соодветна законска регулатива, неопходна е и соработка и координација на сите институции, особено таму каде што нема синдикати – велат од МТСП.
Оттаму додаваат дека најчести информации што се добиваат се прекувремена работа, која не ја плаќаат работодавците, неисплата на минимална плата или, пак, укажување дека таа е исплатена, а потоа им се враќа на работодавците.
– Чести прекршоци се и работа на ден на празник, неисплатен регрес за годишен одмор, но треба да се има предвид дека одредени работи тешко се докажуваат, како што е враќањето на минималната плата или прекувремената работа доколку системот за електронска евиденција не е приспособен – сметаат од министерството.
Според нив, трудот во јавниот сектор е подобро организиран од трудот во приватниот сектор, а мерките за надминување на јазот не зависат од Министерството за труд и социјална политика. Тоа зависи од социјалниот дијалог и од структурната поставеност на македонската економија.
– Се разбира, МТСП може да даде придонес за олеснување и поттикнување на процесот, но и тука сме ограничени само на надгледување и спроведување на договорите што ќе бидат постигнати помеѓу социјалните партнери – истакнуваат од МТСП.