Од „Хелсиншкиот комитет“ истакнаа дека законската регулатива е проблематична, но не претставува основна пречка за остварување или за заштита на правата на работниците
Работниците во земјава не ги уживаат своите права. Законската регулатива за оваа сфера е проблематична, таа е сложена, непрецизна, расфрлена во повеќе закони. Сепак, најголем проблем за работничките права се практиката, лошото или несоодветно колективно договарање и отсуство на социјален дијалог, неинформираноста на работниците, неефикасноста на институциите… Работниците имаат најмала доверба во процесот за заштита на нивните права во синдикатите.
Ова се резултатите од направените анализи на „Хелсиншкиот комитет“ за човекови права, кои беа презентирани на вчерашната прес-конференција. Притоа беше посочено дека станува збор за две одделни анализи, од кои едната се однесува на стандардите за работничките права и нивната примена, а другата на задоволството на работниците од механизмите за заштита на нивните права.
Мирјана Најчевска од „Хелсиншкиот комитет“ истакна дека законската регулатива е проблематична, но не претставува основна пречка за остварување или за заштита на правата на работниците.
– Треба да се допрецизираат одредбите, да се дефинира улогата на синдикатот, да има прирачник за користење на законите, особено од страна на синдикатите, како и концентрација на заштитните механизми – посочи Најчевска.
Во колективните договори, нагласи таа, треба да постои посебен дел со целосно прецизирани процедури за заштита на правата на работниците, да се овозможи и заштита од виктимизација, особено на оние што ќе се одлучат да пријават повреда на право. Исто така, повредата на правата на работникот, треба работодавецот да го чини повеќе отколку да го заштити. Според Најческа, еден од поголемите проблеми е и информирањето на работниците.
– Не значи дека сте го информирале работникот ако му посочите или му го дадете законот или, пак, му огласите на огласна табла. Тие треба да бидат навистина информирани и за правата, и за повредата и за начините на кои може да се заштитат – рече таа.
Кире Василев, кој е еден од изработувачите на анализата за задоволството од механизмите за заштита, вели дека истражувањата им покажале оти работниците се најнезадоволни или имаат најмала доверба во синдикатите.
– Потребен е нов закон за синдикати, кој ќе биде попрецизен, но и постојана обука на синдикалците, кои и покрај волја или желба, поради незнаење честопати не можат да ги заштитат работничките права – кажа Василев и додаде дека работниците искажале незадоволство и од Државниот инспекторат за труд.
Оваа институција, истакна Василев, и сега има недоволна екипираност, но се соочува со уште поголем проблем, бидејќи, како што појасни тој, околу 40 отсто од инспекторите се на возраст блиску до пензионирање. Исто така, според Василев, спорен е и малиот број направени инспекции односно 1,2 инспекција по инспектор на ден.
Работниците искажале најмало незадоволство во однос на поддршката што ја добиваат од невладините организации. Е.Р.