По голем број одложувања, автопатот Миладиновци – Штип од вчера е пуштен во сообраќај во двата правца, и од Скопје до Штип ќе се стигнува за само половина час.
Министерството за транспорт и врски нагласи дека сите корисници треба да ја почитуваат поставената хоризонтална и вертикална сигнализација, поради тоа што допрва треба да се довршат одредени инфраструктурни објекти по должината на автопатот.
– Упатуваме благодарност до сите граѓани што во овие неколку месеци беа трпеливи во однос на користењето на оваа автопатска делница. Упатуваме благодарност и до сите градежни компании, кои директно или индиректно, беа вклучени во изградбата на овој значаен капитален објект – се наведува во соопштението од Министерството.
Граѓаните во наредните месеци ќе имаат можност бесплатно да патуваат по автопатот долг 47 километри. Двете патарини на автопатот треба допрва да се градат, за што ќе се подигне заем од Европската банка за обнова и развој. Максималната брзина на движење на автопатот Миладиновци – Штип е 130 километри на час, а со неговото пуштање во употреба ќе се скрати времето на патување меѓу Скопје и Штип на 45 минути.
Овој автопат започна да се гради во февруари 2014 година.
Е.Р.