Фото: ФЕИТ

Работите веќе не смеат да се остават на случајност, смета експертот

Проблемите кои се поврзани со функцнирањето на РЕК „Битола“ се очекувани со оглед на нивната старост, вели Антон Чаушевски, професорот на Факултетот за електроника и информациски технологии, и појаснува дека објектите се изградени пред 40-тина години, поради што потребна е изградба на нови електрани.

Професор Чаушевски потенцира дека објекти од ваков тип се градат најмалку три години, и за нив се потребни големи финансии, но дополнува дека за ова требало да се размислува на време.


– Неопходно е што побрзо блоковите на РЕК „Битола“ да се оспособат, барем два од трите, и да се набави потребниот јаглен. Работите веќе не смеат да се остават на случајност, па затоа следната година, веќе во мај треба да отпочне процесот на набавка на јаглен и на подготовка на блоковите – вели Чаушевски.

Тој додава дека стотици илјади тони јаглен не можат да бидат пренесени оддеднаш, туку секојденевно по неколку илјади тони.

Сепак професорот Чаушевски е сигурен дека државата нема да се соочи со најлошото сценарио според кое домаќинствата и индустријата би останале без струја.

– Во најлош случај, претпоставувам дека ќе ни помогне регионалниот енергетски систем бидејќи сепак ние сме мал пазар кој од нивна страна може да биде толериран – истакнува професорот.