Можностите за соседите и останатите системи во Европа да помогнат се поголеми во кризна енергетска состојба и во таквите ситуации веројатно не би плаќале високи пенали за недозволеното повлекување на моќност од интегрираниот ЕЕС на Европа, вели Рубин Талески, професор д-р на Факултетот за електротехника и информациски технологии, осврнувајќи се на актуелната состојба во енергетскиот сектор. Тој смета дека за намалување на ефектите на оваа состојба, треба да се поведе и јавна кампања за штедење на електрична енергија.
Во поглед на проблемите кои РЕК „Битола“ ги имаше во изминатите неколку дена, односно за евентуалниот престанок на производство на електрична енергија, професорот посочи дека треба да се искористат сите можни алтернативи – увозот кој би значел релативно скапа електрична енергија, како и домашното производство.
– Во тој случај потребно е активирање на ТЕЦ „Осломеј“, ако воопшто добијат јаглен и зависно во каква состојба е централата, активирање на ТЕЦ „Неготино“, за која не се знае во каква состојба е централата, и максимално искористување на „ТЕ-ТО Скопје“, независно што тие можеби произведуваат струја за извоз. Иако цената на енергијата од Неготино ќе биде висока, односно повисока од 160 евра за мегават/час, но сепак, тоа е поевтино решение од увоз – објаснува Талески, додавајќи дека веднаш треба да се средат двата блока од РЕК „Битола“ и да работат со локалниот јаглен, како и евентуално, доколку се набави, и со увозен јаглен.
Експертот вели дека акумулациите во езерата како алтернатива се многу мали, додека хидроцентралите би требало да се користат кусо време во текот на денот, за „пеглање“ на високите оптоварувања. Зголемувањето на цената на електричната енергија е неминовно според Талески, но нагласува дека е неблагодарно да се даваат предвидувања.
– Зголемувањето на цената е неминовно, но неблагодарно е да се предвиди колкаво би било. Во Германија, Холандија и другите држави, домаќинствата плаќаат и до 30 евроценти за киловат/час, а кај нас помалку од 10, и колку што јас знам таму немаат некој голем проблем, освен што можеби еден период ќе платат повисока цена. Нашите цени не можат да бидат изолирани и многу пониски отколку од влијанието на околните пазари, особено што немаме евтино домашно производство – посочува Талески.
Тој потсетува за рестрикциите од периодот помеѓу 1983 и 1984 година, кои траеле до пуштањето на погон на вториот блок во РЕК „Битола“, коментирајќи ги најавите за рестрикции во новонастаната ситуација.
– Пред 40 години, одделни градови или делови од градови, беа исклучувани од електричната мрежа по неколку часа дневно или неделно. Водете сметка дека електричната енергија се користела за осветление, фрижидери во домаќинствата, забава и греење за тие што се греат на струја, а многу малку за комуникација и компјутери. Што би се случило со стопанството доколку повторно се воведат истите рестрикции како пред 40 години – прашува професор Талески.