Триесет и четири проекти на основни и средни училишта се наградени на „Предизвик за млади истражувачи 2“ во организација на Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука.
Комисијата за избор и оценување одлучи да им додели финансиска поддршка на проекти од дваесет основни и четиринаесет средни училишта од целата држава. Проектите се од различни области меѓу кои астрономија, земјоделие, екологија, машинство и ИТ.
На финалниот настан кој денеска се оддржа во градскиот парк во Скопје директорот на ФИТР, Јован Деспотовски порача дека навистина охрабрува огромниот интерес и присуството на основнци и средношколци од целата земја.
– Сите што учествуваа на предизвикот се победници затоа што се одважија своите иновативни идеи да ги претворат во одлични проекти и да го предизвикаат Фондот да обезбеди поголема поддршка. Фондот одговори на тој предизвик, и наместо предвидените 2,5 милиони денари, денеска доделуваме 6 милиони денари. Секој денар вложен во овие млади луѓе верувам дека повеќекратно ќе се врати во нашето општество – рече Деспотовски.
Тој најави дека ваков предизвик ќе биде организиран и следната година.
Во рамките на „Предизвик за млади истражувачи 2“ се пријавиле вкупно 88 основни и средни училишта.
Предизвикот беше отворен од 1 февруари до 31 март годинава со цел поттикнување на критичко и креативно размислување кај младите во нивниот развој и стимулирање на иновативни идеи и акции во процесот на образование во основните и средните училишта во земјава.