Втората транша поволни кредити за мали и средни претпријатија од Европската инвестициска банка (ЕИБ), во износ од 16 милиони евра, ќе пристигне на почетокот на следната недела. Со овие средства ќе се поддржат проекти на 53 мали и средни фирми, соопшти Министерството за финансии.
В.д. главниот оперативен директор на Развојната банка на Македонија, Вељанд Рамадани, информира дека со првите две транши ќе бидат повлечени вкупно 31 милион евра за поддршка на 92 мали и средни претпријатија. Развојната банка работи и на подготовка за повлекување на нова трета транша во износ од околу 9 милиони евра за поддршка на нови 20 мали и средни претпријатија.
На состанокот со заменик-министерката за финансии Ширет Елези денеска беше посочено дека поволните кредити за малите и средни претпријатија значат пристап до капитал и подобрена ликвидност, додека за стопанството значат нови инвестиции и отворање на нови работни места.
– Малите и средни претпријатија се основата на економијата. Тие се креатори на најголемиот број на работни места кај нас, учествуваат во креирање на над половина од бруто-домашниот производ и претставуваат 99% од вкупниот број на претпријатија кои работат во нашето стопанство. За жал, пристапот до капитал, до кредити, за малите и средни претпријатија е многу потежок во однос на големите компании. За таа цел, Владата преку поволните кредити за мали и средни претпријатија преку Развојната банка, но и преку низа други мерки, дава поддршка на овој сектор. Настојуваме да се развие инвестициската активност, претприемништвото, да се креираат нови работни места – рече заменик-министерката за финансии Елези.
Од МФ велат дека условите под кои може да се користат средствата од кредитната линија на ЕИБ се исклучително поволни, односно каматна стапка од 3,2 отсто и рок на отплата до 12 години за инвестиции и приоритетни проекти, и до три години за обртни средства. Поддржани дејности со петтата кредитна линија ЕИБ за двете транши се производство, трговија, градежништво, транспорт, здравство и образование, хотели и ресторани и останати дејности.
Инаку вкупната вредност на петтата кредитна линија од ЕИБ изнесува 100 милиони евра и договорот за користење на истата беше потпишан лани во септември. Досега преку Развојната банка се реализирани четири кредитни линии поволни кредити од ЕИБ, во вкупна вредност од 350 милиони евра.