Со цел стимулирање на купувањето домашни производи, а со тоа и поддршка на македонското стопанство во услови на корона-кризата, а за да се информира јавноста што сè спаѓа под македонски производи, Министерството за финансии изработи прирачник „Купувам домашно“ со 16 најчесто поставувани прашања од страна на купувачите.
Овој проект произлегува оттаму што домашната платежна картичка е наменета исклучиво за македонски производи и услуги, додека повратот на ДДВ преку МојДДВ за македонски производи е покачен од 15% на 20%.
Прирачникот е изготвен заедно со Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Организацијата за заштита на потрошувачи, Царинската управа и УЈП. Истиот може да се најде на следниов линк.
За целите на купување со домашната платежна картичка, производите се сметаат како домашен македонски производ, доколку се производи и стоки за финална потрошувачка произведени од правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Македонија, освен алкохолни пијалаци, тутун и преработки на тутун, информираат надлажните органи.
Кај скенирањето на фискалните сметки, производот може да се смета како домашен доколку на неговата декларација, согласно Законот за заштита на потрошувачите, е наведено дека е произведен на територијата на Македонија.