ЕИБ ќе продолжи да ги поддржува закрепнувањето од пандемијата, процесот на пристапување кон ЕУ и развојот на виталната инфраструктура и приватниот сектор. Имаме намера да финансираме нови проекти за транспорт, животна средина и здравствена заштита, а во соработка со Развојната банка наскоро треба да започнеме нова програма за мали и средни претпријатија, истакна Павлова

Лилјана Павлова, потпретседателка на Европската инвестициска банка (ЕИБ)

Отворање на претставништво на Европска инвестициска банка (ЕИБ) во Македонија, поддршка насочена кон социоекономско закрепнување од ковид-19 и транзиција кон позелен, поинклузивен и одржлив економски модел за регионот и за Македонија, поддршка за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје се дел од темите за кои дискутиравме со потпретседателката на оваа банка, одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова.

ЕИБ најави оти ќе продолжи да ја поддржува Македонија за побрзо закрепнување. Кои проекти ќе го поддржите во следниов период?
– Најпрво, дозволете ми да кажам дека ми е чест што зборувам за вашиот ценет дневен весник. Во 2020 година, ЕИБ мобилизира над една милијарда евра за да му помогне на регионот на Западен Балкан во справувањето со најитните последици од пандемијата. За поддршка на долгорочното закрепнување, групацијата одвои 873 милиони евра за развој на виталната инфраструктура и на приватниот сектор во регионот.
Нашиот фокус сега е да ги поддржиме социоекономското закрепнување од ковид-19 и транзицијата кон позелен, поинклузивен и одржлив економски модел за регионот. Оваа стратегија за инвестиции во регионот е во голема мера поврзана со Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, објавен од Европската комисија во 2020 година. Планот ќе овозможи пристап до 9 милијарди евра за проекти што поддржуваат одржлив транспорт, зелена и дигитална транзиција, инклузивен раст и создавање заеднички пазар во регионот. Тој предвидува поддршка за развој на основната инфраструктура и поддршка на приватниот сектор преку создавање гарантен фонд за Западен Балкан, кој се очекува да искористи нови инвестиции во висина до 20 милијарди евра.
Кога станува збор за Република Северна Македонија, ЕИБ ќе продолжи да ги поддржува закрепнувањето од пандемијата, процесот на пристапување кон ЕУ и развојот на виталната инфраструктура и на приватниот сектор. Имаме намера да финансираме нови проекти за транспорт, животна средина и здравствена заштита во соработка со Европската комисија и со други партнери, како што е Инвестициската рамка за земјите од Западен Балкан (WBIF). Во соработка со Развојната банка на Северна Македонија наскоро треба да започнеме нова програма за мали и средни претпријатија во рамките на финансискиот пакет за ковид-19, што ќе обезбеди пофлексибилни и поповолни услови за локалните бизниси. ЕИБ учествува и како водечка меѓународна финансиска институција во развојот на европскиот железнички Коридор 8.
Во согласност со зелената агенда, фокусот на ЕИБ е насочен кон инвестиции во обновлива енергија, енергетска ефикасност и дигитализација. Кои проекти од овие области ќе се реализираат со ваша поддршка во Македонија?
– Како климатска банка на ЕУ, ЕИБ го усвои новиот Патоказ на климатската банка во 2020 година, обврзувајќи се до 2025 година да насочи над 50 отсто од годишното финансирање кон зелени инвестиции. Во овој контекст, ЕИБ ќе ги поддржи зелените инвестиции на Западен Балкан преку транзиција кон енергетски поефикасна, разновидна и доверлива мешавина на енергија со помали емисии. Во Северна Македонија, би ја истакнала нашата амбиција да направиме повеќе во секторите за енергетска ефикасност, обновлива енергија и вода. ЕИБ ја финансира изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, што ќе ги подобри условите за живот на околу 500.000 луѓе. Проектот ќе го намали загадувањето на водата, ќе обезбеди подобри санитарни услуги и ќе ги заштити животната средина и јавното здравје.
Во однос на дигитализацијата, регионот допрва ќе го постигне својот целосен потенцијал преку развој на доволна широкопојасна инфраструктура. Тоа ќе овозможи воведување дигитални и паметни технологии и генерирање нови можности во други сектори, како транспортот, енергетиката, земјоделството, образованието, индустријата итн. Во 2020-та започнавме да инвестираме во првите дигитални проекти во регионот. Во Србија, ЕИБ потпиша инвестиција од 65 милиони евра за дигитализација на над 1.500 училишта, имплементација на платформи за е-учење и дигитални обуки за 50.000 наставници. Размислуваме за имплементација на слични проекти во Македонија и во други земји во регионот.
Банката финансира студија за оправданост од сопствени ресурси во однос на дизајнирање нова сеопфатна шема за зајакнување на инвестициите во енергетската ефикасност во станбени згради во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина. Многу иновативно, банката ја извршува оваа работа во партнерство со здружението за хумано домување „Хабитат“. Ќе им се обратиме на надлежните органи откако ќе биде подготвена нашата студија за оправданост и во таа фаза, исто така, планираме да иницираме подетална дискусија со ЕК и други заинтересирани потенцијални кофинансиери/донатори.
Во 2020 година, ЕИБ одвои 20 милиони евра за малите и средните претпријатија да ја подобрат ликвидноста. Се планира ли поддршка за МСП и во 2021 година и со колкава сума?
– Во периодот 2009 – 2020 година, групацијата ЕИБ обезбеди 653 милиони евра за малите и средните претпријатија и средните компании, одржувајќи над 99.000 работни места. Во 2020 година, групацијата ЕИБ потпиша две инвестиции за микро, мали и средни претпријатија со Прокредит банка и Силк роуд банка во вредност од 20 милиони евра. Целта беше да се овозможи пристап до финансии за најтешко погодените компании, под поповолни услови. Средствата се дел од пакетот на Европската комисија за финансиска поддршка од 3,3 милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1,7 милијарда евра од ЕИБ се наменети за поддршка на одржливо социјално и економско закрепнување во регионот. Гледајќи ги можностите за закрепнување на економијата и поддршка на приватниот сектор, со нетрпение очекувам да го финализираме договорот за заем од 100 милиони евра со Развојната банка, за решавање на ликвидносните јазови и економското закрепнување на МСП во земјата, кои ќе бидат распоредени преку локалните комерцијални банки.
Помина една година од почетокот на пандемијата, сите надежи беа насочени кон вакцинацијата, со која се очекува нормализирање на состојбите. Дали на економијата и понатаму ќе ѝ биде потребна поддршка?
– Кризата со ковид-19 продолжува да бележи зголемен број на случаи низ цела Европа и процесот на имунизација ќе потрае. Глобалната економија сè уште доживува сериозни предизвици, а борбата за бизниси, работни места и ликвидност продолжува. Во Северна Македонија, индексот на индустриското производство падна за – 10,6 проценти во првите единаесет месеци од 2020 година, во споредба со истиот период во 2019 година. Кризата предизвика остра контракција на БДП од 5,4 отсто во 2020 година, додека вкупниот дефицит на Владата беше проценет на 8,6 проценти. Со пандемијата, невработеноста дополнително се влоши. Пандемијата особено тешко ја погоди Северна Македонија: кампањите за вакцинација, економското закрепнување и поддршката на МСП и приватниот сектор треба да бидат приоритети за сите нас во иднина. Владата треба да ги продолжи своите напори за справување со економското влијание на пандемијата и да помогне во заживувањето на синџирите на производство и снабдување, како и на приватната потрошувачка.
Вирусот продолжува да се шири и низ регионот, низ Европа и светот. Каква штета нанесува пандемијата врз економиите во регионот и Унијата?
– Неизвесностите поврзани со времетраењето на пандемијата наметнуваат значителна штета врз економиите во регионот, независно од директните загуби што таа продолжува да ги создава над една година. Нестабилната состојба влијае на одлуките поврзани со проширување бизниси, задржување на постојните и создавање нови можности за работа. Оваа нестабилност ќе продолжи и во постпандемискиот период, влијаејќи на способноста на компаниите да преземаат надворешно финансирање. Се очекува економското закрепнување да биде постепено и долгорочно, придружено со трансформација кон подигитален и позелен модел, што ќе обезбеди релевантност на глобалните пазари. Понатамошната интеграција и поврзаноста на регионот се важен чекор во таа насока, во усогласување со Економскиот и инвестицискиот план што предвидува создавање заеднички, добро поврзан регионален пазар базиран на вештини. ЕИБ ќе ги поддржи овие иницијативи преку своите финансиски инструменти и техничката помош како долгогодишен партнер на Северна Македонија и еден од најголемите финансиери во регионот.
Премиерот Заев предложи ЕИБ да отвори претставништво во земјата. Mоже ли да се очекува наскоро ваше претставништво во Македонија?
– Многу сме задоволни од средбата со премиерот Заев и министерот за финансии Бесими. Изразивме подготвеност да обезбедиме финансиска, мешана и советодавна поддршка за Северна Македонија за да се осигуриме дека таа ќе ги максимизира придобивките од Економскиот и инвестицискиот план. ЕУ-банката го поздрави барањето на премиерот и веќе ја започна постапката за отворање локално претставништво во Северна Македонија. Се надеваме дека тоа ќе ни помогне да ги усогласиме нашите активности со македонската влада уште поефикасно и да ја потврдиме нашата позиција како еден од најголемите мултилатерални инвеститори во земјата и регионот.
До денес, ЕИБ инвестира 970 милиони евра во Северна Македонија за поддршка на социоекономскиот развој и процесот на пристапување кон ЕУ. Во последната деценија, групацијата одвои 653 милиони евра за македонските компании и 277 милиони евра за изградба на модерна транспортна мрежа, придонесувајќи за безбедноста на патиштата, намалено време на патување и регионална кохезија. Во инфраструктурата за вода и отпадни води, ЕИБ инвестира 128 милиони евра, што помогна во подобрувањето на пристапот до вода за пиење и санитарни услуги, истовремено намалувајќи го и загадувањето на водата.
Се надеваме дека ќе можеме да ги надградиме овие достигнувања и да ја зајакнеме нашата долгогодишна соработка со Северна Македонија, поддржувајќи ја на патот кон закрепнување од пандемијата на ковид-19, кон интеграцијата во ЕУ и транзицијата кон позелен, поинклузивен и одржлив економски модел што ќе генерира повеќе можности за работа, подобра клима за инвестиции и просперитет за луѓето низ целата земја.


Пругата по должината на Коридорот 8 ќе го зајакне економскиот развој

Најавена е поддршка за проектот за железничката мрежа по должината на Коридорот 8 во Северна Македонија. Како ЕИБ гледа на овој коридор во насока на зајакнување на економскиот развој на регионот?
– Учествуваме како водечка меѓународна финансиска институција на железничкиот Коридор 8, заедно со ЕБОР и Европската комисија. Оваа важна паневропска транзитна маршрута ќе ја зајакне регионалната поврзаност меѓу истокот и западот на Европа од Јадранот до Црно Море, бидејќи преминува преку Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија. Нашата цел е да помогнеме во заживување на железничките мрежи меѓу земјите од Западен Балкан, промовирајќи го овој почист, поодржлив и ефикасен начин на транспорт во регионот. Со поврзување на најголемите пристаништа и овозможување побрз проток на патници, добра и стоки до европските пазари, пругата по должината на коридорот 8 ќе го зајакне економскиот развој на Северна Македонија, регионот и општините што се наоѓаат по нејзините маршрути.