Итно враќање на градобијната заштита за намалување на штетите од град врз земјоделските култури бараат земјоделците од преспанскиот регион. По силното невреме со град, кое во саботата зафати делови од Преспа, Здружението на овоштари од регионот бара да се преземат конкретни мерки за решавање на овој горлив проблем за земјоделците, не само во Преспа, туку и во целата држава.
Претседателот на Здружението на овоштари во Преспа, Љубе Пампулевски, истакна дека е потребно разбивање на облаците кога при голема температурна разлика од капките дожд се формира град, кој за само 10-15 минути може да го уништи целиот труд на земјоделецот.
– Доколку сакаме да имаме земјоделство во Македонија и евтини земјоделски производи мора веднаш да се врати градобијната заштита. Цената на увезените земјоделски производи е многу повисока во однос на оние што се произведуваат кај нас – изјави Пампулевски.
Преспанските земјоделци бараат средба со министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на која ќе побараат преземање мерки за враќање на градобијната заштита, која функционирала и порано.
– На почетокот од годината министерот најави поставување автоматизиран систем за заштита од град по примерот на Украина, но нам ни треба во најбрзо време бидејќи секојдневно се соочуваме со невреме од град. Во моментот од градот е зафатена над 20 отсто од вкупната површина во Преспа – истакна Пампулевски.
Најпогодени од градот, кој во саботата зафати делови од Преспа, беа селата Грнчари, Асамати, Раица, Курбиново и Претор. На терен треба да излезат комисии, кои ќе прават процени на штетата. Освен во Преспа, изминатиот период врнежи од град имаше и во други делови од Македонија. Е.Р.