Финансиската штета за домашните компании е огромна и непроценлива, истакнуваат од СКМ и додаваат дека со дополнителните рестриктивни мерки, кои моментално се воведуваат во земјите од Европската Унија, наредниот период ќе биде уште понеизвесен и потежок
Нарачките во кожарската индустрија се значително намалени и се работи со 40 отсто од капацитетите, а неизвесноста околу траењето на корона-кризата продолжува. Новите порестриктивни мерки што се воведуваат во европските земји, особено во Италија, со која домашната кожарска индустрија и најмногу соработува, дополнително ја влошуваат состојбата.
– Поради пандемијата предизвикана од ковид-19 и мерките преземени за спречување на неговото ширење, во светски рамки дојде до намалување на побарувачката за кожарски производи и за обувки, а, секако, сето тоа влијаеше врз намалувањето на глобалното производство. Штети од ширењето на вирусот, пред сѐ, во Европа почувствуваа домашните чевларски и кожарски компании, кои соработуваат, пред сѐ, со италијански фирми што произведуваат чевли, а најмногу од нив се лоцирани во кумановскиот регион и работат на производство за однапред познати италијански партнери – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
Од СКМ дополнуваат дека постојат проблеми и со набавката на материјали кај некои од компаниите што работат класично производство, а кои набавуваат суровини и репроматеријали од Турција, каде што има доцнење на роковите за набавка. Оттаму истакнуваат дека развојот на настаните и последиците предизвикани од пандемијата во следните неколку месеци ќе бидат одлучувачки за опстанокот на оваа индустрија.
– Најавите за намалување и за откажување на нарачките од странските партнери се предизвик со кој компаниите ќе треба да се соочат и да се справат во следниот период. Факт е дека Италија подолг временски период е изолирана и погодена од ковид-19, а со тоа е тешко достапна и за македонските партнери, т.е. за чевларските и за кожарските компании, кои креираат најголем дел од извозот кон оваа земја, над 95 проценти. Поради тоа е тешко да се испраќаат готовите полупроизводи или производи во оваа земја. Кај оние компании што и нешто минимално работат, без разлика дали директно со италијанските партнери или преку посредници на српски компании, нарачките за целокупниот период на кризата и за следниот период се намалени од 40 до 50 проценти – објаснуваат од Стопанската комора.
Финансиската штета за домашните компании е огромна и непроценлива, истакнуваат од Комората, и додаваат дека со дополнителните рестриктивни мерки, кои моментално се воведуваат во земјите од Европската Унија, наредниот период ќе биде уште понеизвесен и потежок, а последиците ќе бидат видливи подолг временски период, од причина што и странските партнери работат со намалени капацитети и драстично им се намалени продажбите на производите од кожарската индустрија.
– Голем дел компании што продаваат готови производи, односно што произведуваат чевли, а немаат посредник, веќе имаат добиено известување од странските партнери дека сѐ е стопирано во наредниот период, а моментално работат мал дел компании од чевларската индустрија, со капацитет на искористеност на производството од околу 40 отсто. Според најавите на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките и на производството, а тоа би значело дека наредниот период би бил период на намалена економска активност, што би имало голем негативен економски ефект во вид на намалена профитабилност и ликвидност на компаниите, како и отпуштање на дел од вработените, а ако потрае ваквата ситуација, и затворање на компаниите – посочуваат од СКМ.