Евгенија Шулевска е ученичка во експерименталната паралелка за дуално средно стручно образование, заедно со уште 17 ученици. Наставата во прва година ѝ е повеќе теориска, но понатаму 70 отсто ќе ѝ биде практика, а 30 отсто теорија. Тие по завршувањето на средното образование во ЕМУЦ „Наум Охридски“ во Охрид ќе можат да се вработат во компанијата „Костал“, каде што во следниве три години ќе имаат практика. Евгенија вели дека сигурната идинина за вработување по средното образование ја навела да биде една меѓу првите што ќе го проба дуалното образование, а секако и интересната насока во која се учат електроника, машинство и автоматика. За практиката учениците во дуалното образование ќе добиваат и месечен надомест.
– Бевме во неколку германски училишта за да го скенираме дуалното образование и да го примениме кај нас. На совршен начин ни беше претставен системот. Таму веќе 15 години ученици се вработуваат преку овој систем. Им се отвораат многу можности. Имаат практика во компанијата во посебни простории, вршат корисни функции, едноставно корисни се за фабриката. Добиваат сертификати што се меѓународно признаени. Целта на овој тип образование е да се подигне нивото на стручното образование кај нас. Ние сме едни од пионерите за дуално образование во нашата земја. Потребно е да се инвестира во нашите работилници, да се оспособат нашите професори за овој тип образование. Имаме многу за работа, но мора од некаде да се почне – ни изјави директорот на училиштето, Сашо Недески.
Германската фирма „Костал“ е пионер меѓу фирмите што се вклучија во дуалното струшно образование и им понудија практика на учениците за време на средното образование, а по завршувањето и работа доколку учениците се заинтересирани.
Се очекува дуалното образование да донесе многу придобивки, меѓу кои продуцирање стручен кадар со стекнати вештини и компетенции, зголемување на интересот за упис во средните стручни училишта за кои досега имаше слаб интерес, мотивирање млади образовни кадри да се вклучат во процесите, намалување на невработеноста, подобрување на состојбата во стопанството, економијата, пазарот на трудот итн.
Во април 2017 година, делегацијата на германското стопанство во Македонија почна со спроведување на програмата за дуално стручно образование во Македонија „Скилс екперт“. Програмата, која е финансирана од Министерство за економија и енергетика на Сојузна Република Германија, има цел да им помогне на компаниите да обезбедат стручни и квалификувани работници преку воведување системски елементи од германското дуално стручно образование. Овој веќе докажан систем во Германија претставува комбинација на теорија и на практична обука, при што стручните училишта се задолжени за теоретските знаења, додека, пак, практичната обука, врз која се става посебен акцент, се спроведува од страна на компаниите.
– Од учебната 2018/2019 година со по еден пилот-клас во Кавадарци и во Охрид се воведе новиот четиригодишен образовен профил техничар за индустриска мехатроника, кој е развиен според германскиот модел на дуално стручно образование. Во Кавадарци програмата се спроведува од страна на училиштето „Киро Спанџов-Брко“ и компанијата „Дрекслмајер“ додека во Охрид партнери се средното стручно училиште „Св. Наум Охридски“ и компаниите „Костал“, ЛТХ „Леарница“ и „ОДВ-Електрик“. Еден од главните новитети кај оваа квалификација е воведувањето практична обука во компанија со околу 45 отсто од вкупниот фонд часови. Практичната обука на учениците во компаниите ќе се спроведува од страна на сертифицирани ментори од компаниите во согласност со националните, но и германските стандарди. Преку оваа програма учениците покрај теоретските знаења ќе добијат и практични стручни знаења, кои се барани на пазарот на трудот како и меки вештини – ни изјави Дејан Чуповски, експерт за специјално образование.