Вработени во фабриката за производство на воена опрема „Еурокомпозит“ од Прилеп денеска протестираат пред Владата, барајќи спроведување на договореното за решавање на статусот на фабриката и исплата на заостанатите плати и придонеси.
Тие поставуваат шатори пред владината зграда и како што најави Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација на „Еурокомпозит“, нема да се повлечат оттаму се додека не им биде понудено конечно решение за фабриката од која 260 вработени побаруваат 18 заостанати плати и придонеси од 2012 година.
– Барање за прием во Владата доставуваме веќе цела недела, но се уште нема таква најава – изјави Богдановски.
При прекинот на претходниот штрајк на крајот на март годинава од Синдикатот изјавија дека имаат работа по договори за странство и за МВР и оти со Владата е договорено во наредните шест месеци да добиваат по една нето плата и да се реши ситуацијата во компанијата.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев неодамна информираше дека за „Еурокомпозит“ и за велешка „Колска“ има интерес кај инвеститори и оти е оптимист дека со приватизација ќе се реши проблемот, без отпуштање вработени.
Владата распиша и тендер за избор на меѓународни консултанти, кои треба да изработат професионални длабински анализи во каква состојба се двете фабрики, за да се обезбеди транспарентна продажба на потенцијални инвеститори.
Консултантот што ќе се избере треба да ги утврди сопственичките удели во фирмите, долговите, загубите, но и судските спорови. Треба да се понудат три модели за продажба, а Владата да одбере еден.