Измените и дополнувањата на Законот за работни односи, кои треба да овозможат задолжително пензионирање на 64 години и 15 години стаж, се во собраниска процедура.
Според анализите на Министерство за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6.000 лица. Но како што појасни министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, тоа не значи дека сите ќе одат во пензија, бидејќи некои од нив имаат побарано да го продолжат работниот однос.
Таа појасни дека со измените се предвидува прекинување на договорите за работа со 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку во друг закон не е поинаку регулирано.
– Според нашите анализи, бројката на вработени како од јавен, така и од реален сектор збирно до крајот на 2020 година, околу 6.000 вработени ќе наполнат 64 години. Но тоа не значи дека сите овие граѓани ќе одат во пензија. Некои од нив поднеле барање во согласност со актуелното законско решение до крајот на 31 август за продолжување на работниот век и по наполнување 64 години, а кој се однесува на следната календарска 2021 година – објасни министерката.
Изминативе години светските финансиски институции, како ММФ и Светска банка, укажуваа дека дупката во Фондот за пензиско осигурување постојано се зголемува и дека станува неодржлива, поради што за исплата на пензиите се префрлаат средства од буџетот на државата. По неколку преземени мерки првпат минатата година имаше благо намалување на сумата потребна за дополнување на дупката во фондот. Во насока на намалување на оваа дупка, беше создадена можноста лицата што исполнуваат услови за пензионирање доколку сакаат да продолжат да работат до 67 години.
Сепак, во образложението на предлог-измените на Законот за работни односи се посочува дека оваа измена нема да предизвика дополнителни импликации врз буџетот на државата.