СДСМ на чело со Заев во услови на страшна здравствена, економска, образовна и национална криза, креираа гломазен и партиски, наместо развоен и граѓански буџет, обвини Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради нивната незаинтересираност, негрижа и неспособност да се справат и да помогнат на граѓаните во овие тешки времиња, ние како пратеничка група поднесовме точно 397 амандмани кои се однесуваат токму на најголемите проблеми и предизвици со кои се соочува Република Македонија во изминатиов период. Имено, поднесовме амандмани кои се однесуваат на здравствената криза предизвикана од ковид-19 за која сме рекордери во црните статистики и негативен пример, како во Европа, така и пошироко. Поднесовме амандмани за бесплатни ПЦР-тестови за сите граѓани, како и дополнителни мерки и помош за здравствените работници, но и за градежни зафати за изградба на нови и реновирање на веќе постоечки инфективни одделенија ширум болниците во Република Македонија.
Исто така, поднесовме амандмани за обезбедување на средства за помош на другите сектори кои се погодени од оваа криза. Бараме да се обезбедат средства за набавка на компјутери за сите ученици од основното и средното образобание кои не можат да ја следат наставата, како и компјутери за сите наставници и професори во основните и средните училишта. За овој реален проблем со кој се соочуваат и родителите и децата, но и професорите, власта едноставно како знае и умее, мора да обезбеди средства.
Поднесовме амандмани кои се однесуваат на заштитата на животната средина односно амандмани кои што мислиме дека доколку се прифатат ќе дадат голем резултат во решавањето на најгорливиот и повеќедеценискиот проблем во зимските денови односно за намалување на загадувањето на воздухот во Македонија. И во врска со ова прашање, владата на Заев покажа дека не води грижа за здравјето и потребите на граѓаните.
Од друга страна, и покрај овие моментално најголеми и најактуелни проблеми со кои се соочуваме сите граѓани во Република Македонија, ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, исто така поднесовме голем број на амандани кои се поврзани и се однесуваат на локалните проблеми и барања на граѓаните односно проблеми со кои граѓаните секојдневно се соочуваат. Тука спаѓаат водоводни и канализациони мрежи, локални и регионални патишта, нови градинки, старечки домови и други проекти кои им се неопходни на граѓаните во секојдневното живеење.
На крајот, како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелираме до пратениците од владеачкото мнозинство да ги прифатат нашите амандмани, бидејќи тие се решение на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и Република Македонија и тие претставуваат коректор на овој предлог буџет кој е лош за граѓаните, за фирмите, за странските инвеститори, за здравствените работници, за образованието, за земјоделците, за пензионерите и за младите, едноставно овој предлог буџет е лош за сите граѓани на Република Македонија“ порача Стојановски.