Вистински момент е да почне организираниот пазар на принципот „тргување ден однапред“ во Македонија, особено што е создаден солиден квантум на материјал за тргување и има искусни учесници на пазарот. Ова го порача генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева, на конференцијата „Што е ново на пазарите на електрична енергија во земјите на Југоисточна Европа“.
Таа истакна дека влегуваме во завршницата на долготрајниот комплексен процес, чија крајна цел беше целосна либерализација и воспоставување организиран пазар на електрична енергија и негова интеграција во паневропскиот единствен пазар на електрична енергија.
– Процес чија највисока и крајна цел е цената на електричната енергија да ја трансформира од социјална во пазарна категорија. Процес што ќе резултира со создавање ценовни сигнали, создадени од понуда и побарувачка во пазарна конкуренција на рамноправни учесници. Ценовни сигнали што ќе бидат индикатори и катализатори на инвестиции во различни сегменти на електроенергетиката и кои ќе ја насочуваат и науката да дава соодветни технолошки и информатички решенија, иновации и надградби – рече Шуклева.