Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, исплати 7,3 милиони денари за произведена и продадена риба на пазарот на вкупно 14 субјекти. Со средствата од оваа мерка и преку Програмата за рибарство и аквакултура се поттикнува развојот на рибарството и производството на риба во Македонија.
Станува збор за исплата на средства за корисници на мерката „Финансиска поддршка за произведена и продадена риба на пазарот“ која се реализира преку Програмата за рибарство и аквакултура.
Оваа финансиската поддршка им следува на сите субјекти кои произвеле и продале риба на пазарите, а кои во тој период немаат увезено жива риба.
Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, информира дека поддршката се доделува скалесто во зависност од капацитетот на рибникот и продадена риба.
-Рибниците кои произвеле и продале до 25 илјади килограми риба добија 100 отсто субвенција од 20 денари за продадена риба. Субјектите, пак, кои произвеле и продале од 25.000 до 50.000 килограми им е исплатена 75 отсто субвенција за 20 денари продадена риба, додека пак оние субјекти кои имаат до 100.000 килограми субвенцијата изнесува 50 отсто од 20 денари продадена риба. 25 проценти субвенција следува на оние субјекти кои имаат произведено и продадено над 100.000 килограми, изјави Бабовски.
За да се искористат средствата од оваа мерка, апликантите треба да се регистрирани за дејност аквакултура и да се запишани во регистарот на одгледувачи на риби што се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и да немаат увезено порибителен материјал и жива риба.