АНАЛИЗА: КАКО ДО ПОВИСОК РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА (5)

Анализата, која ја објавувавме во изминативе неколку изданија во „Нова Македонија“, беше насочена кон утврдување на причините поради кои растот на економијата се одвива со исклучително бавно темпо. Во исто време, обрнавме внимание на мерките и начините што може да се преземат за значително да се забрза растот. Изнесените податоци и сугестии се темелат на аналитични истражувања направени од стручната економска и финансиска фела, на опсервациите на економски теоретичари, но и од бизнис-секторот, кои практично се судираат со таквите предизвици. Врз основа на нивните укажувања, анализи и согледувања низ неколку продолженија беа утврдени проблемите со кои се соочува државата, но и предлози како истите тие да се надминат

Еден од првите заклучоци е дека на Македонија ѝ се животно неопходни високи стапки на раст од минимум 6 до 10 проценти, бидејќи само со таков динамичен раст можеме да бараме компатибилност со економиите на ЕУ. И тоа евентуална спојливост со просекот на ЕУ, за еден малку подолгорочен период. Таквиот раст би ни овозможил и политичка компатибилност и интероперабилност во контекст со нашите долгогодишни неостварени евроатлантски интеграции. Со ваквата теза се согласуваат и мноштво економски експерти, кои велат дека нашата држава треба да се развива со т.н. кинески, индиски и малезиски стапки, кои се движат од 6 до 10 отсто. За да се оствари тоа, пак, потребно е да се применат радикални промени во монетарната и во фискалната стратегија. Со промена на курсот на економските политики и со зрел приод на прашањето за економскиот раст се отвораат ширум можности за консеквентни зафати со кои ќе се мултиплицираат позитивните ефекти за државата, компаниите и за граѓаните. Имено, експертите издвојуваат причинско-последични ефекти како што се отворање нови работни места и намалување на невработеноста, капитални инвестиции, зголемување на буџетот, технолошки развој на компаниите, социјален импакт што се разликува од простите социјални трансфери, одливот на квалитетни кадри… Рака на срце, експертите истакнуваат дека можеби со драстичниот пораст на стапката на раст веднаш не може да се очекува и пораст на личните доходи или вработувањата, бидејќи тие „криви во графиконот“ не одат паралелно и овие вториве имаат побавен раст, но на долг рок, новосоздадената поголема вредност и раст апсолутно ќе се одразат на нивото и стандардот на граѓаните.

Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, вели дека пред околу две декади објавил анализа дека за постигнување на економските услови за зачленување во Европската Унија е потребно да има навистина драстично поголем раст на економијата.

– Не ни се потребни стратегии за во рафтови, туку прагматични мерки, започнувајќи од радикални структурни реформи, па до поддршката на секторите и проектите каде што има таков потенцијал – истакнува Беџети.

Тој ги издвојува преработувачка индустријата, енергетиката и екологијата, ИКТ-секторот, образованието и здравството, кои би биле најбрзорастечки сектори и проекти, но секако тоа би морало да биде паралелно со реконструирање на институциите, судството, јавната администрација.

Професорот Здравко Савевски вели дека иако се знае дека ни е потребен голем раст на БДП, никој досега од ниедна власт сериозно не сработил нешто за да го оствари овој раст. Тој апелира дека на реалната економија и за поголем економски развој ѝ се неопходни инвестиции во капитални проекти, кои ќе бидат мултипликатори на економијата, како што се патиштата, односно инфраструктурата, кои иако се приоритет за властите веќе 20 години, сѐ уште не се завршени.

Нашата економија, покрај нискиот раст, ја карактеризираат и редовно висок дефицит и поголем увоз отколку извоз. Неколку години трговскиот дефицит на Република Македонија се движи околу 2 милијарди евра. Изминативе три години, 2017, 2016 и 2015, дефицитот беше 1,7 милијарда евра, во 2014 година 2,3 милијарди евра, а слично ниво држеше и годините претходно. Експертите укажуваат дека се неопходни стратегиски промени во економските политики со поттикнување на извозот. На пример, со производите со висока додадена вредност, кои ќе донесат поголеми приходи, брзо ќе се почувствува тенденцијата на динамичен раст. Но тоа не оди без суштински измени на индустриските политики, секако, поддржани од исто такви промени на монетарната и во фискалната политика.

Во таа насока и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, повикува на реиндустријализација на државата за поголема извозна ориентираност и поголем прилив на средства во државата.

– Реиндустријализацијата мора да биде поставена како приоритет на развојната политика на државата. Во наредниот период земјата мора да се насочи кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап што подразбира динамичен раст на инвестициите, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста, но и да се одговори на предизвиците на модерното време за роботизација, дигитализација и за компјутеризација. Само економија што има индустриска и извозна структура примарно базирана на производи, кои се карактеризираат со поголема комплексност и ниво на софистицираност, има капацитет да генерира високи стапки на раст – смета Азески.

Стопанската комора на Македонија најави дека во наредниот период ќе направи еден грандиозен интегрален проект, научно и практично фундиран на емпириски истражувања со кој ќе се идентификуваат развојните можности за преструктурирање на целата економија за утврдување стратегиски индустриски сектори, потсектори и производи за кои има реални економски претпоставки да гради компаративни предности во иднина. Истражувањето ќе им овозможи на компаниите листа на производи во одделни гранки, за кои има потенцијали за производство и извоз и за производи со поголема додадена вредност и степен на финализација, споредено со оние што веќе ги извезува. Според нашите соговорници, во следниов период сите релевантни институции треба да се сконцентрираат на тоа како да се остварат побрз и поголем економски раст и развој. И сето тоа преку посочување конкретни мерки и примери од теоретски, но и практичен аспект. Бранко Азески вели дека се неопходни економски политики што ќе го поттикнат процесот на модерна реиндустријализација, како на пример зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП, и ќе го забрзаат процесот на извозна диверзификација преку зголемување на бројот на извозни производи што имаат повисок степен на финализација во рамките на глобалните синџири на снабдување.

Клучната поента на серијалот текстови е дека планот за економски развој треба да има цел остварување поголем економски раст преку поддршка на компании што се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, зголемување на извозот, основни претпоставки за поголем економски раст. Затоа, клучен предизвик е да се запрат негативните трендови со рефокусирање на социјалната енергија, од услужниот главно за домашниот пазар, кон вистински производствени инвестиции во функција на раст на конкурентноста, на производството и на извозот.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека човечкиот капитал е многу битен, а Македонија значајно потфрла.

– Ќе може да имаме поголем раст на долг рок ако сите ние како работници сме попродуктивни, за што клуч се образованието и здравствените политики. На глобално ниво, главната дебата е дека клучни се вештините, а не самите дипломи или степени на образование. Третиот фактор се институциите, нивната кредибилност и владеењето на правото – смета Петрески.

Растот на домашната економија и експанзијата на нашите компании со поголем извоз на производи со повисока додадена вредност се скоро невозможни без поддршка од кредитните институции. Затоа, во заклучоците неизбежно се наметна и прашањето како да ги финансира бизнис-заедницата своите идеи и проекти и токму затоа во едно од минатите продолженија акцентот го ставивме на евтините пари и како компаниите да дојдат до нив за побрз развој, што во крајна инстанца ќе резултира и со повисок раст на економијата.

Затоа, за крај, потребно е уште еднаш да се размисли и да се направи исчекор од институциите и од државата, и со потребната нејзина поддршка, наменета за стопанството, да стимулира поголем развој и за самото општество и за граѓаните, заради остварување на стратегиските долгогодишни аспирации и асоцирање во глобалните текови и заедници, кои имаат висок стандард и одржлив раст.

(крај)

Економска рубрика на „Нова Македонија“