Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, присуствуваа на потпишувањето на договорот за изградба на фотоволтаична електрана Осломеј со инсталирана моќност од 10 мегавати. На тендерот беше избрана компанијата „Гиришим Електрик“ од Турција.

Вицепремиерот Анѓушев, обраќајќи се на настанот, потенцираше дека ова е почеток и еден добар пример на енергетска транзиција, односно пренамена на производни капацитети на електрична енергија од фосилни горива, кои се накрајот на својот животен век, во енергетски капацитет кој произведува електрична енергија од обновлиив извори, поконкретно во овој случај изградба на фотоволтаична централа.

Министерот Бектеши истакна дека во изминатите две години е создадена сосема нова енергетската политика во Македонија.

– Термоелектраната Осломеј не работеше со години и сега ние токму во полето каде што се експлоатираше јагленот почнуваме со инвестиции што ќе бидат не само во интерес на енергетскиот сектор на нашата држава, но ќе бидат и во интерес на сите граѓани што живеат во општина Кичево и околината. Од еден загадувачки капацитет преку АД ЕСМ државата сега гради капацитети кој ќе произведува чиста енергија. Капацитети кои се современи со најнова технологија и ние како Министерство за економија  токму во таа насока ќе работиме и понатаму. И задоволство ми е да кажам дека следната есен ќе имаме нов капацитет кој што обезбедува енергија за 2.000 домаќинства во Кичево – нагласи министерот Бектеши.

Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски информираше дека на меѓународниот тендер се пријавиле 17 компании кои покажале интерес да го градат објектот. На крајот според сите параметри кои биле пропишани во јавната набавка, и комерцијалните и техничките, се покажало дека најдобриот понудувач е компанијата Гиришим Електрик од Турција, која и беше избрана и со која е потпишан договор за градба.

– Од овој момент натаму економскиот оператор кој е избран ги презема работите и сите обврски околу проектот, и ние очекуваме, согласно договорот, електраната да биде готова за 10 месеци и да почне да ги произведува првите киловати електрична енергија од сонце на есен 2020г. Овде сакам да упатам благодарност и до Европската банка за обнова и развој со чија помош го спроведуваме проектот, односно од вкупната сума од 6,9 милиони евра, 5.9 милиони евра се заем земен од ЕБРД, а 1 милион евра се наши средства, односно средства на АД ЕСМ – рече Ковачевски.

Има најави дека и на преостанатите површини од поранешниот рудник за јаглен Осломеј ќе се изградат нови фотонапонски централи, со што на овој локалитет ќе се добиваат големи количества електрична енергија од обновливи извори. Во најава е и изградба на нови фотоволтаици во Македонски Брод и Свети Николе, со што ќе се намалува производството на струја од фосилни горива.

З.А.