Денес се потпишаа 17 договори за финансиска поддршка (ЕУ грантови) за 9 постоечки и 8 новоформирани земјоделски задруги. Финансиската поддршка од Европската Унија е за инвестиции во објекти и опрема за преработка, складирање и маркетинг на земјоделски производи со кои се подобруваат капацитетите на земјоделски задруги и конкурентноста на земјоделството.
– Вкупниот износ на поддршка на овие земјоделски задруги изнесува 891.357 евра, што е само еден дел од поддршката на Европската Унија за земјоделството. Со овие средства и со кофинансирањето од страна на земјоделските задруги, вкупните нивни инвестиции ќе достигнат скоро 1,3 милиони евра – изјави Никола Бертолини од Делегацијата на Европската Унија. Тој ги презентира и другите активности на Европската Унија во земјоделството.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски рече дека земјоделските задруги се важен дел од земјоделството, поради што Министерството го поддржува нивниот развој преку низа мерки, вклучително со нов Закон за задруги, кој е во постапка на донесување, софтвер за нивна евиденција и мерки за поддршка на земјоделските задруги.
– Земјоделците здружени се поконкурентни на пазарот, отколку ако настапат индивидуално. Преку земјоделските задруги, земјоделците можат поефикасно да го организираат производството, порационално да ги користат ресурсите, да бидат помоќни во деловните преговори и поконкурентни на пазарот. Земјоделството е еден од двигателите на македонската економија и затоа секоја наша мерка е насочена кон создавање на поволни услови за развој на овој сектор, меѓу кои се и мерките за поддршка на земјоделските задруги – истакна министерот.
Според Менде Ивановски, претседател на Македонската асоцијација за земјоделски задруги, ова е конкретен поттик за заживување на задругарството, кој во иднина треба да биде надополнет и со друга институционална поддршка.
Претставниците на проектот наведоа дека на финансиската поддршка претходеше техничка поддршка за подготовка на деловни планови на земјоделските задруги, додека иницијативите за формирање нови земјоделски задруги добија правна помош околу нивното формирање и регистрација.
Средствата за реализација на оваа поддршка се обезбедени во рамки на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од CARE Германија и Македонската развојна фондација за претпријатија.