Министерот за финансии Фатмир Бесими, го потпиша анекс договорот за грант за партнерство за развој со УСАИД, за дополнителна сума за оваа година во висина од 3,5 милиони долари. Од Министерството за финансии наведуваат дека парите се насочени кон економски раст и стабилност и зајакнување на демократските практики и институции.
„ Договорот со УСАИД за грант за партнерство за развој беше склучен на 6 мај годинава во износ од 8,3 милиони американски долари. Со потпишаните два анекса на Договорот се зголемува износот на грантот за дополнителни 3,5 милиони американски долари, односно вкупниот износ на доделени средства оваа година од овој грант изнесува 11,8 милиони американски долари. Овие дополнителни средства се наменети за зајакнување на економската конкурентност и борба против корупцијата“ додаваат од Министерството за финансии.
Договорот за грант за партнерство за развој е во согласност со Стратегијата за развој и соработка 2020-2025 година со кој се предвидени вкупно 56,6 милиони американски долари. Овие средства, како што се наведува, се наменети за трите развојни цели преку кои УСАИД и помага на Северна Македонија да има водечка улога во остварување на нејзиниот развој, како најнов сојузник и 30-та земја членка на Западниот воен сојуз НАТО, како и при започнување на преговорите за пристапување во ЕУ.
САД преку УСАИД досега во земјава за развој има инвестирано над 833 милиони американски долари.