Необработени стојат над една третина од земјоделските површини, субвенциите не ги дадоа очекуваните резултати, а недостигаат и одржливи рурални заедници што би го интензивирале пласманот на странските пазари
Со создавање паметни села и воведување интернет-технологија во земјоделството би се намалиле трошоците и би се подобрил квалитетот на производството, би се зголемила конкурентноста, а загубите би се свеле на минимум. Тоа, меѓу другото, го очекуваат земјоделците во наредните години, но пред тоа власта ќе треба да реши низа проблеми поврзани со земјоделското производство и да спроведе реформи во секторот пред влезот во Европската Унија.
Стопанската комора на Македонија, поради тоа, на 16 мај организира меѓународна конференција на тема „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“. Во фокусот на конференцијата ќе бидат актуелни теми од областа на агросекторот, вклучувајќи ги прашањата од рурален развој, традиционални земјоделски производи, земјоделско земјиште, подобрување на пазарните механизми за продажба на земјоделски производи, зајакнување на свеста за заштитените ознаки за потекло, заштитените географски ознаки и загарантираните традиционални специјалитети, органски производи, висока технологија во земјоделството, како и низа други актуелни прашања за секторот, информира Васко Ристовски од СКМ на вчерашната конференција.
Според Комората, создавањето конкурентен земјоделско-прехранбен сектор бара доследно спроведување сеопфатни мерки во низа области, за зајакнување на свеста за македонските земјоделски и прехранбени производи чии имиња се заштитени со оригинални ознаки за потекло, заштитени географски ознаки или загарантирани традиционални специјалности. Освен тоа, потребно е и да се зголеми нивната побарувачка, како и интересот на производителите за влез во производство на заштитени производи, за да се постигне нивно подобро позиционирање и да се спречи злоупотребата на заштитените имиња на пазарот.
– Потенцијалите на земјоделството во земјава не се целосно искористени. Необработени стојат над една третина од површините, а субвенциите не ги дадоа очекуваните резултати. Недостигаат и одржливи рурални заедници што би го интензивирале пласманот на странските пазари. Нашето земјоделство е пред крстопат, на прагот на трансформација во модерно, но е соочено и со многу предизвици. Од една страна се светските движења и климатските промени, а од друга се конкурентноста и примената на новите ИТ-решенија – истакна Ристовски.
Засега, како што напомена тој, некои од комбинатите користат софтверски решенија за планирање на производството. Обично се тоа поголемите капацитети. Но кај индивидуалните производители, ИТ-алатките сѐ уште се новина, е се чувствува и отпор кон нивно прифаќање.
– Предничат младите фармери, кои се поинформирани, читаат и ги следат најновите светски достигнувања. Но сепак, кога се работи за технологијата, тешко ги прифаќаме новитетите. Некој можеби мисли дека е проблем цената. Не, цената е повеќе од достапна, приспособена за сите индивидуални фармери, и изнесува 130-140 евра годишно. Ваквите паметни ИТ-решенија (кога да се сее, прска…) може да се следат и на мобилен телефон ако некој евентуално дома нема компјутер и лаптоп – појасни Ристовски.
Во врска со субвенциите, Ристовски вели дека, наместо да бидат развојни, тие досега се искористуваа како социјално-политичка алатка.
– Развојната нота, за жал, не постои, а од 2007 година досега се поминати 12 години. Тоа е долг период, кој би требало да покаже резултат. Субвенциите сепак одиграа некаква улога. Го ублажија ударот од конкуренцијата и до некаде го одржаа земјоделство на одредено ниво. Тука пред сѐ мислам на малите фармери – објасни Ристовски, според кого директната финансиска поддршка воопшто не е начин агросекторот да се направи атрактивен, туку се само алатка при преструктурирањето и воведувањето нови технологии.