Обвинение против поранешниот извршен директор на Фолксваген, Мартин Винтеркорн покрена Федералното обвинителство од Детроит поради заговор за кршење на Законот за чист воздух и за измама во врска со скандалот за емисиите на штетни гасови кај дизел возилата произведени од германската компанија.
Според обвинителството, Винтеркорн знаел дека софтверот на дизел автомобилите регистрира емисии на потрошено гориво како почисти, отколку всушност што биле и на тој начин автомобилите го загадувале воздухот.
Винтеркорн поднесе оставка во септември 2015 година по избивањето на скандалот со автомобилите- загадувачи во САД.
Првично Фолксваген тврдеше дека само пониските кадри во компанијата знаеле за измамата со софтверот.
Во обвинението се наведува дека Винтеркорн бил известен за измамата со дизел емисиите на Фолксваген во мај 2014 и јули 2015 година и заедно со други високи претставници на компанијата се согласил „свесно и намерно да продолжи со измамата и да ги доведе во заблуда регулаторните органи на САД”.
За тоа дело се покренати обвиненија против девет лица, а двајца се изјаснија за виновни.