Поради голема несигурност поврзана со ширењето на ковид-19, Европската банка за обнова и развој ги ревидира прогнозите за раст и го намали растот на економијатa за 3,9 проценти. Очекувањата се дека следната година земјите што се дел од ЕБОР ќе пораснат за 3,6 проценти. Извештајот, исто така, упатува на податок дека граѓаните во регионите на ЕБОР се попогодени отколку оние во напредна Европа
Намалени се изгледите за раст на економиите на земјите во развој, меѓу кои и на Македонија, поради одолжување на мерките за заштита од пандемијата на коронавирусот. Во најновиот извештај на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) се посочува дека националните економии оваа година ќе забележат пад од 3,9 отсто, додека следната година се очекува раст од 3,6 проценти. Оваа есенска прогноза упатува на поголем пад на економијата, за разлика од мај кога се очекуваше оваа група земји да ја завршат 2020 година со пад од 3,5 проценти, додека следната година да закрепнат со раст од 4,8 отсто.
– Изгледите на земјите во регионите на ЕБОР нагло се намалија во вториот квартал на 2020 година, за околу 8,2 проценти на годишно ниво. Во многу економии падот беше поголем од падот забележан за време на глобалната финансиска криза. Брзината на закрепнување се очекува да биде слична како при финансиската криза, а земјите би се вратиле на претпандемиското ниво на БДП кон крајот на 2021 година – посочи главната економистка на ЕБОР, Беата Јаворчиќ.
Македонија би можела да има поголем пад од првичните проекции
Во извештајот на ЕБОР посебен осврт има и за Македонија, каде што се посочува дека по растот од 3,6 отсто во 2019 година, БДП-то на Македонија се намалило за 6,3 проценти во првата половина од 2020 година, со остар пад во индустријата, трговијата, транспортот и туризмот.
– На страната на расходите, државната потрошувачка забележа раст, додека кај приватната потрошувачка, инвестициите, извозот и увозот има голема стагнација. Во исто време, дознаките се намалиле за 30 проценти на годишно ниво. Стапката на невработеност се зголеми во вториот квартал на 2020 година, на 16,2 проценти, но остана под нивото од 2019 година (17,3 проценти). Инфлацијата остана придушена, во просек од 0,7 проценти на годишно ниво во првите седум месеци од 2020 година. Мерките за сузбивање на вирусот и пониската надворешна побарувачка резултираа со недостиг од приходи на Владата, додека трошоците за здравство, економски субвенции и социјални трансфери се планираат да бидат повисоки од предвидените во буџетот, само делумно компензирано со пониски капитални расходи. Како последица на тоа, дефицитот и долгот на државата се предвидува значително да се зголемат во 2020 година. Во јуни 2020 година, државниот долг изнесуваше 51 процент од БДП, додека државните гаранции уште 8 проценти од БДП. Проектирано е БДП да се намали за 5 проценти во 2020 година, при што растот ќе закрепне на 3 отсто во 2021 година – се наведува во извештајот на ЕБОР.
Домашните експерти, исто така, посочуваат дека е очекувано Македонија да има поголем пад од првичните проекции, но истакнуваат дека истото тоа ќе зависи и од здравствените и од економските мерки.
– При нашето проектирање во септември годинава, нагласивме дека проекцијата од 3,8 отсто ја задржуваме, но истата таа е под значајни негативни ризици, односно има веројатност да се влоши. Тоа е водено од фактот дека сѐ уште не знаеме како здравствениот аспект на корона-кризата ќе се развива во текот на оваа есен и, следствено на тоа, какви потези би презеле здравствените власти во поглед на економијата. На пример, повторно затворање како во март и април би значело нагло влошување на изгледите за растот. Но во „Фајненс тинк“ не очекуваме таков потег и сметам дека здравствените и економските ризици треба да се менаџираат преку балансирање – објаснува Благица Петрески, главна економистка во институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“.
Производството на Западен Балкан ќе падне за 5,1 проценти?!
Претставниците на ЕБОР во обемниот извештај посочуваат дека економиите каде што ЕБОР е присутна забележале голем притисок врз понудата и побарувачката поради мерките за спречување на пандемијата, додека надворешните шокови вклучуваат ниски цени на стоките, намален извоз, пад на туризмот и пад на дознаките. Посочуваат дека ЕБОР инвестира, пред сѐ, во економии во развој од Централна и Источна Европа до Централна Азија и Блискиот Исток и Северна Африка, давајќи му предност на приватниот сектор и поддржувајќи го одржливиот и инклузивен развој.
– Новиот извештај предупредува дека некои сектори, како што е туризмот, може да се соочат со трајни штети на подолг рок, но се вели дека други, како што е трговијата преку интернет, може да имаат корист од зголемената дигитализација. Во него се истакнува дека најпогодени ќе бидат економиите што се зависни од надворешни извори на приход, како што се Албанија, Хрватска, Кипар, Грција и Црна Гора, кои изгубија поголем дел од својата туристичка сезона годинава. Извозот од регионите на ЕБОР е намален за над 14 проценти во првата половина на 2020 година, во споредба со истиот период од 2019 година. Меѓународниот и домашниот туризам нагло паднаа, при што меѓународните туристички пристигнувања во регионите на ЕБОР се намалија за околу 65 проценти во првите шест месеци, во споредба со истиот период една година порано – се посочува во извештајот на ЕБОР.
Исто така е истакнато дека други високопогодени економии се земји што имаа голем пад на дознаки, како Киргистан, или земји силно интегрирани во глобалните синџири на вредности како Словачка. Дознаките од Русија во Централна Азија, Источна Европа и Кавказ паднаа за 29 проценти на годишно ниво во вториот квартал на 2020 година, во однос на истиот период од 2019 година, слично на падот забележан за време на светската финансиска криза.
Во извештајот се вели дека, иако некои дознаки се само одложени, многу мигранти се вратија во нивните матични земји, што укажува на тоа дека дознаките може да паднат уште повеќе во иднина.
Производството на Западен Балкан се предвидува да падне за 5,1 проценти во 2020 година, поради колапс на туризмот во Албанија и во Црна Гора, нарушувања во глобалните синџири на снабдување и пониско индустриско производство, пад на приливите на странски директни инвестиции и дознаки. Растот на БДП може да закрепне на 3,4 проценти во 2021 година.
Се очекува БДП во Русија да се намали за 4,5 проценти во 2020 година како резултат на кризата од ковид-19 и падот на цените на нафтата. Во 2021 година се очекува скок од 3 проценти, условено со закрепнувањето на цените на нафтата.
Економијата на Турција се очекува да се намали за 3,5 проценти во 2020 година, по падот на надворешната побарувачка што доведе до колапс на извозот. Домашните мерки за затворање на економијата и ограничувањата на синџирот на снабдување им штетат на секторите услуги и производство. Растот на БДП може да достигне 5 проценти во 2021 година.
– Египет е единствената економија низ сите региони на ЕБОР што, веројатно, ќе избегне рецесија во 2020 година, со предвиден раст од 2 проценти поддржан делумно од големи јавни градежни проекти и бум во телекомуникацискиот сектор – пишува во извештајот.
Поголеми стимулативни пакети, повеќе спасени работни места
ЕБОР во својот извештај посочува дека загубите на работните места и затворањето на деловните активности беа поретки во земји каде што стимулативните пакети беа поголеми.
– Доказите од истражувањето на ЕБОР и институтот ИФО, спроведено во август 2020 година, сугерираат дека околу 15 отсто од испитаниците во регионите на ЕБОР доживеале загуби на работните места, како резултат на кризата од ковид-19, во споредба со 7 проценти во напредните економии во Европа. Сличен дел од домаќинствата мораа да ги затворат своите семејни бизниси. Загубите на работното место, а особено затворањето на семејните деловни активности беа поретки кога пакетите со фискални стимуланси беа поголеми. Генерално, неверојатни 73 проценти од испитаниците во регионите на ЕБОР велат дека тие биле лично погодени од кризата со ковид-19, во споредба со 41 процент од испитаниците во напредна Европа.