Најголема бенефиција од финалната фаза на либерализацијата ќе имаат потрошувачите на индустриска струја, за кои, како што се очекува, трошоците ќе се намалат за 20-30 проценти. За домаќинствата, пак, што најмногу ќе им бидат изложени на ценовните шокови е предвидена заштита
Граѓаните со почетокот на оваа 2019 година имаат можност сами да изберат преку која компанија ќе набавуваат струја. Ова го овозможува новиот закон за енергетика, со кој се создадени сите услови за финализирање на процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија. Но кај населението и понатаму има нејаснотии околу новините што се воведуваат со законот. Цената на енергијата е можеби едно од најбитните прашања за граѓаните, но не помалку важно е и прашањето што ако не се потпише договор со компанија за снабдување со струја.
– Со носењето на новиот закон за енергетика во мај 2018 година, со кој целосно се имплементира третиот енергетски пакет, се создадоа услови од 1 јануари 2019 година да се финализира процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија. Наместо целосната либерализација на пазарот да започне од 30 јуни 2020 година, како што беше предвидено со претходниот закон, таа стартува година и половина порано. Од 1 јануари 2019 година сите потрошувачи на електрична енергија се стекнаа со правото да го изберат својот снабдувач. Малите потрошувачи и домаќинствата можат своите потреби за енергија да ги обезбедуваат на слободниот пазар по пазарни цени или, пак, на регулираниот пазар на електрична енергија по определени цени – објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Цените ќе бидат мошне динамични
Од РКЕ посочуваат дека најголемата бенефиција од финалната фаза на либерализација ќе ја почувствуваат потрошувачите на индустриска струја, за кои, како што се очекува, трошоците ќе се намалат за 20-30 проценти.
– Мое мислење е дека цената на електрична енергија постепено ќе се зголемува и ќе го следи трендот на цените на пазарот на електрична енергија. Овие цени се доста динамични и зависат од многу фактори, како сезона лето/зима, потоа дневно/ноќни потреби, состојба со инсталираноста и пласманот од обновливите извори на енергија, состојба со конвенционалните производствени капацитети и друго – вели професорот Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Тој појаснува дека во последните години цената на струјата варира, и тоа од 25 евра за мегават-час во пролетните месеци, кога има намалена потрошувачка и добра хидролошка состојба на акумулациите, па до 150 евра за мегават-час кога има зголемени потреби од енергија, особено при студени атмосферски услови.
– Динамиката на цените треба да се балансира кај потрошувачите во помал интервал на ценовни промени, ризикот треба да го прифати и снабдувачот, но дел да преземе и потрошувачот – додаде Чаушевски.
Македонија уште во мај 2006 година, со ратификувањето на договорот за основање енергетска заедница, презеде обврска за либерализирање на пазарот на електрична енергија. Делумна либерализација започна во мај 2007 година, кога големите компании што беа приклучени на преносната мрежа, 55 отсто од своите потреби ги обезбедија на слободниот пазар на електрична енергија. Од 2008-та тие своите потреби од енергија ги целосно обезбедија на слободниот пазар.
Заштита на домаќинствата од ценовни шокови
Во 2012 година операторот на електропреносниот систем, МЕПСО, и операторот на електродистрибутивниот систем, „Електродистрибуција“, количествата потребни за покривање на загубите во сопствената мрежа започнаа да ги обезбедуваат на слободниот пазар. Следната фаза од либерализацијата почна на први април 2014 година за сите потрошувачи, освен за домаќинствата и малите потрошувачи.
– Крајна цел на либерализацијата е постигнување реални цени за крајните потрошувачи, кои ги рефлектираат трошоците за извршената услуга, поттикнување на конкуренцијата со примена на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност, при што се гарантира правото на пристап кон преносните и дистрибутивните мрежи. Со новиот закон е предвидено РКЕ да ги утврди цените за дејностите за пренос, дистрибуцијата на електрична енергија, организирање и управување со пазарот на електрична енергија и снабдување со електрична енергија од страна на универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај. Новина е дека комисијата не е надлежна за определување на производствената цена на електричната енергија на АД ЕЛЕМ – објаснуваат од РКЕ.
Сепак, регулаторите додаваат дека за заштита на потрошувачите од ценовни шокови, кои најмногу би се одразиле на домаќинствата, со новиот закон е предвидено ЕЛЕМ како производител на електрична енергија со најголем капацитет во Македонија, во постапките за набавка за енергија што ќе ги спроведе универзалниот снабдувач, да му понуди точно утврдено годишно количество. Притоа за тековната 2019 година ЕЛЕМ за универзалниот снабдувач треба да обезбеди најмалку 80 отсто од вкупните годишни потреби на снабдувачот, во 2020 година најмалку 75 проценти од вкупните годишни потреби, во 2021-та најмалку 70, во 2022-та најмалку 60 отсто од вкупните годишни потреби на снабдувачот, а во 2023 година најмалку 50 проценти. Во 2024 година ЕЛЕМ за универзалниот снабдувач ќе обезбеди најмалку 40 отсто, а во 2025 година најмалку 30 проценти од вкупните годишни потреби.
– Мора да истакнеме дека, гледано долгорочно, со либерализацијата граѓаните ќе имаат големи придобивки, ќе се стабилизира пазарот на електрична енергија и потрошувачите ќе добиваат квалитетна услуга. Досегашното искуство во земји каде што е воведена либерализацијата покажа дека прво има пораст на цените, и факт е дека на долг рок тие растат – вели професорот Горан Рафајловски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.