Податоците што ги објавува Заводот за статистика се премногу оптимистички во споредба со реалната состојба во земјава, тврди економистот Здравко Савевски
Македонските граѓани најмногу од своите средства трошат за храна и за сметки, покажуваат анализите на Државниот завод за статистка. Имено, дури 55,5 отсто од вкупните приходи на семејствата се одвојуваат само за храна и за плаќање на сметките, а другите се за другите трошоци.
Во публикацијата „Мак стат база“ на ДЗС се наведува дека финалната потрошувачка на домаќинствата е највисока за храна и безалкохолни пијалаци и изнесува 32,3 отсто, по што следуваат потрошувачката за бруто-станарина, вода, електрична енергија со 23,2 проценти и трошоците за сообраќај, кои опфаќаат 8,6 отсто.
– Податоците што ги објавува Заводот за статистика се премногу оптимистички во споредба со реалната состојба во земјава, бидејќи нивните анализи ги темелат на податоци од пописот во 2002 година, или на застарени податоци. Поради ова, нивните резултати се подобри од ситуацијата во земјава. Дури и да земеме дека се точни тие податоци, дека 55 отсто од домашниот приход се користат само за основни потреби како храна и сметки, тоа значи дека поголем дел од граѓаните во Македонија преживуваат – вели економистот Здравко Савевски.
Тој истакна дека многу е мал бројот на граѓани што имаат повеќе средства за трошење и кои имаат можности да уживаат и во културните случувања. Тој нагласи дека дури има и граѓани, кои со своите приходи се над статистичката линија на сиромашни граѓани, но сепак се сиромашни, бидејќи ги задоволуваат само основните потреби. Савевски посочува дека државата има можности преку разни мерки за стимулација да им ја подобри економската состојба на граѓаните, но и да влијае врз растот на домашната економија.
– Во буџетот за следната година е предвидена солидна сума за социјални трансфери, но проблемот во земји како Македонија е како ќе се потрошат тие средства што се планираат за социјалните категории, односно дали ќе се потрошат за намената или, пак, за други цели. Секоја година се одвојуваат средства за активни мерки за вработување, ама има години кога се објавува податок дека тие не се трошат, од разни причини планираните активности не се реализирани и средствата се префрлаат за буџетот за следната година. На тој начин не се постигнува посакуваниот ефект, само се рекламира Владата колку планирала да потроши, а всушност не ги дала за намерата за која се пофалила – додава Савевски.
Според професорот Марјан Петрески, факт е дека сиромаштијата во Македонија е релативно голема и дека се потребни мерки за нејзино намалување, а според него, најсоодветен начин за тоа се повеќе и подобро платени работни места.
– Клучно влијание игра и социјалната политика, за лица што се работоспособни, а кои привремено немаат или не можат да најдат работа, како и за неработоспособни лица.
Во тој сегмент, нашиот систем на социјална заштита е неефикасен. Преку него, сиромаштијата се намалува само за 3 проценти поени, додека на пример ефектот за сиромаштијата од пензиите е околу 16 процентни поени. Оттука, системот на социјална заштита треба да претрпи промена, секако во смисла на зголемување на износот на социјалната помош, значајно подобро целење, но и со стриктно врзување и извршување на одредба, според која работоспособно лице што нема да прифати работа веднаш би ја изгубило помошта – вели Петрески.