Од работоспособното женско население во Македонија во 2017 година 34,6 отсто биле вработени, а невработени само 9,7 проценти, што значи дека неактивни се дури 55,7 отсто

Голем процент од работоспособните жени во Македонија не се активни на пазарот на трудот, покажува последната анализа за работната сила во 2017 година што ја објави Државниот завод за статистика.
Како што може да се забележи од оваа анализа, од работоспособните мажи во 2017 година 53,5 отсто биле вработени, невработени 15,8 проценти, додека, пак, неактивни 30,7 отсто.
За разлика од нив, од работоспособното население кај женската популација во 2017 година 34,6 отсто биле вработени, невработени само 9,7 проценти, но неактивни биле високи 55,7 отсто.
Овие податоци укажуваат на фактот дека жените во земјава остануваат надвор од пазарот на трудот, што, според експертите, се должи на стереотипната перцепција за улогата на жените во општеството, како и на фактот дека голем дел работат во рамките на сивата економија.

– Неодамна направивме национално истражување за ниското учество на жените на пазарот на трудот. Беа испитувани повеќе фактори за неучеството, но се издвоија три најважни: обврските околу домаќинството и стереотипот дека домаќинската работа е женска работа, грижата за децата и грижата за постарите лица во домаќинството. Значи, од една страна е фактичката оптовареност на жените во домаќинството со овие обврски, а од друга страна е вкоренетото верување во нашето општество дека таквите работи се женски работи – објаснува професорот Марјан Петрески од Американ колеџ.
Нивната анализа покажала дека над една третина од жените (34%) имаат завршено средно училиште, додека, пак, една петтина имаат диплома за завршено високо образование и уште петтина имаат завршено само примарна едукација. Но напоменуваат дека има разлики во образовната структура на
жените на работна возраст, во однос на статусот на пазарот на трудот, така што активните жени имаат во просек подобра образовна структура во споредба со неактивните.

– Резултатите од истражувањето покажуваат дека жените самите прават силна разлика помеѓу родовите улоги во домаќинството и во општеството, што исто така може да биде важна пречка за учеството на жените на пазарот на трудот. Околу една третина од жените веруваат дека нивната примарна улога е да се породат и да се грижат за домот и семејството, а не да работат. Слично на тоа, 38,2 отсто од нив веруваат дека е многу тешко жените да бидат менаџери, политичари или да постигнат врвни позиции. Неактивните жени имаат повеќе конзервативни ставови за родовите улоги на пазарот на трудот и семејството. Особено, тие веруваат дека жените се дискриминирани во споредба со мажите, дека се работници од втор ред или дека природната улога на жената е да се грижи за семејството – е наведено во анализата.
Социологот Илија Ацевски, пак, укажува на уште неколку битни сегменти кога се во прашање неактивноста и невработеноста на женската популација. Тој посочува дека голем дел жени се ангажирани во рамките на сивата економија, но дека поради фактот што работат непријавени, влегуваат во групата неактивни.

– Овој проблем не е нов и веќе со години се повторува. Има неколку причини што се издвојуваат. Едно е перцепцијата на одредена популација што верува дека жената е предодредена за чување деца или повозрасни членови на семејството. Друго е што повозрасните генерации се сметаат за неквалификувани и не можат да најдат работа, па се нафаќаат за работа со која нема да бидат пријавени. Значи, се дел од сивата економија, работат како дадилки или, пак, чуваат стари лица, чистат и ред други занимања, но не се пријавени, ниту се пријавуваат како баратели на работа – истакнува Ацевски.
Тој, исто така, додава дека дел од повозрасните генерации, над 50 години, поради неквалификуваност не се ни обидуваат да бараат работа, туку се одлучуваат да чуваат внучиња или стари лица.


Младите најмалку се вработуваат

Според анкетата за работната сила, во 2017 година, во Македонија населението на возраст од над 15 години изнесувало 1.679.935 лица, од нив 56,8 отсто биле активни и учествувале на пазарот на трудот, додека 43,2 проценти биле неактивни.
Истата анализа на ДЗС покажува дека според возраста и полот, највисока стапка на активност од 80,3 отсто е забележана кај населението на возраст од 25 до 49 години, и тоа кај мажите 92,8 и кај жените 67,3 проценти.
Највисока стапка на вработеност имаат лицата од истата возраст и таа изнесува 63,1 отсто, од тоа стапката на вработеност кај мажите е 72,8, а кај жените 52,9 проценти.
Највисока стапка на невработеност се забележува кај лицата на возраст од 15 до 24 години и изнесува 46,7 отсто.

 

 

Фото: Маја Јаневска-Илиева