Жалосна е сликата на терен во прилепскиот регион, најмногу во Мало и Големо Коњари, во населбата Варош, каде силното невреме проследено со град ги уништи
земјоделските производи, особено тутунот, кој е потполно оштетен. Денеска увид на теренот изврши и градоначалникот Илија Јованоски, кој на земјоделците им посочи дека ќе побара од Министерството за земјоделство да се прогласи елементарна непогода.
– Жалосна е состојбата на терен. Штетата е голема. Околу 300 хектари се уништени.
Апелирам земјоделците да поднесат побрзо барања за оштета до општинската Комисија за проценка на штета. До Министерството за земјоделство ќе доставиме барање да се прогласи елементарна непогода, но и земјоделците да бидат ослободени од плаќање на водата за наводнување – изјави градоначалникот Илија Јованоски.
Земјоделците велат дека работата е сериозна, дека тие сега нема од што да живеат.
– Од што ќе живееме, како да пратиме деца на училиште. Државата да ја сфати состојбата сериозно – изјави еден од оштетените земјоделци.
– Немам земја, земена ми е под концесија. Што сега, од каде да најдам пари за плаќање на концесија, за живот – вели друг земјоделец.
Според надлежните од ПЕ на Министерството за земјоделство првично во невремето
настрадале околу 600 хектари најмногу со тутун, потоа со пипер и житни култури. Ка.М.