Штетите од корона-кризата во земјоделството беа големи. Настанаа пазарни нарушувања, проблеми при откупот на зелката, јагнето, винското грозје, тутунот… Пласманот и ниските откупни цени сѐ уште се проблем број еден, а тука се и климатските промени, кои го отежнуваат производството на храна, во некои региони сѐ уште не е решено водоснабдувањето, продолжува и неуморната борба со големите откупувачки центри во повеќето земјоделски гранки… Сето ова беше истакнато на Генералното собрание на Националната федерација на фармери (НФФ) од кое беа упатени неколку апели до откупувачите и до Владата.
НФФ апелира откупувачите навреме да склучуваат договори со производителите и во согласност со Законот за земјоделство до крајот на март да ги пријавуваат количествата што планираат да ги откупат. Од надлежните, пак, бара навремена исплата на субвенциите и на поддршката од Програмата за рурален развој, како и ставање акцент, пред сѐ, на регистрираните земјоделци што се столб на македонското земјоделство и исплата на предвидените 20 проценти за нив во најбрз можен рок.
– Апелираме најбрзо да се направи стратегија за справување со климатските промени во земјоделството, кои се реалност повеќе од една деценија и во иднина ќе прават огромни штети, пласманот и ниските откупни цени на земјоделските производи и натаму се проблем број еден. Затоа, уште еднаш го нагласуваме барањето да се почитува Законот за земјоделство во делот на навременото склучување договори и нивно почитување од двете страни. Очекуваме навремена исплата на субвенциите и мерките од Програмата за рурален развој, како мерката за активен женски член од семејно земјоделско стопанство, за која имаше повик во 2019 година, а сѐ уште не е реализирана. Посебен апел упатуваме до Владата и надлежните институции 20 проценти наменети за регистрираните земјоделци да се исплатат најбрзо што може – напомена претседателка на НФФ, Васка Мојсовска.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, уште еднаш повтори дека земјоделството е клучен сектор во македонската економија и многу значаен работодавец, особено во руралните средини. Интенција на Владата е, порача Хоџа, зголемување на производството и квалитетот, создавање конкурентни продукти со повисока додадена вредност што ќе бидат извозно ориентирани.
– Земјоделството учествува со осум отсто во вкупниот БДП, околу половина од вкупната површина на државата е земјоделско земјиште на кое преовладува растителното производство. Приоритет на МЗШВ е зголемување на земјоделските површини, приносот и на квалитетот. Тоа значи поголеми приходи во сите семејства што се занимаваат со земјоделско производство. Изминатата година видовме дека иднината на човештвото зависи од квалитетот на животната средина. Количеството, квалитетот, безбедноста и достапноста на храна се основните потреби од кои зависи опстанокот на сите нас – истакна министерот.