Задолжителните и доброволните пензиски фондови што постојат и имаат цел да обезбедат економска сигурност за граѓаните, откако нема да можат сами да заработуваат, односно ќе бидат во пензија, учествуваат со околу десет отсто од бруто-домашниот производ (БДП).
По тринаесет години работа на вториот и девет години работа на третиот пензиски столб, според Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), 490.035 члена, колку што се во вториот столб, имаат издвоено средства во висина од над милијарда евра.
Минатата година бројот на членовите во задолжителните фондови порасна за седум отсто, а износот на парите за 13 отсто во однос на претходната година. Вредноста на средствата на доброволните пензиски фондови, пак, на крајот на минатата година достигна 26 милиони евра. Во доброволните фондови, во кои се издвојуваат средства на доброволна основа, лани имало 24.388 члена и нивниот број пораснал за 2,5 отсто во однос на 2017 година.
Како резултат на работењето на задолжителните пензиски фондови, во седумгодишниот период 2012 – 2018, е остварен просечен годишен принос во номинален износ од 5,97 отсто. Кај доброволните, просечниот принос во номинален износ изнесува 5,81 отсто. Остварените приходи се значително поголеми од она што граѓаните би го „заработиле“ доколку парите ги издвојуваа на банкарска сметка, бидејќи банкарските камати последниве години се во постојан пад.
Вложувањата на средствата што се издвојуваат за идна пензија се законски контролирани, за да се обезбеди сигурност на парите на членството. Минатата година структурата на инвестициското портфолио на задолжителните фондови, според МАПАС, се состоеше од домашни инвестиции, кои вклучуваат државни хартии од вредност (57 отсто), депозити (11 отсто) и акции (3 отсто), како и инвестиции во странство, кои вклучуваат удели на инвестициски фондови (21 отсто) и акции (6 отсто). Слична е структурата на инвестициите и во друштвата од третиот пензиски столб.