За седум години е одложена обврската пензионерите, кои примаат само пензија, да се пријавуваат во електронскиот систем за даноци во Управата за јавни приходи (УЈП), информира вчера директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
– Со новиот Закон за личен доход се предвидува во наредните седум години да се одложи обврската за доставување годишна даночна пријава од страна на УЈП до граѓаните, кои оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи дека во даночните периоди од 2018 до 2024 година пензионерите што не оствариле друг приход освен пензија се ослободени од каква било обврска кон Управата за јавни приходи со годишната даночна пријава, односно немаат никаква обврска за регистрација во системот „потврдување или коригирање“ – објасни Лукаревска.
Таа нагласи дека до крајот на октомври во електронскиот систем е-персонален данок биле евидентирани 36 илјади граѓани, а до денеска вкупно се пријавени 300 илјади корисници. Очекува до крајот на годинава без поголеми проблеми да се заврши обврската, иако вкупно треба да се регистрираат околу 900 илјади даночни обврзници.
За таа намена, како што кажа, се поставуваат мобилни даночни шалтери на УЈП по општините, дури и во најистурените места, а мобилни екипи на управата ги посетуваат домовите на изнемоштените лица, кои не се во состојба сами да се регистрираат и да го однесат документот.
Во Скопје за регистрација се достапни сите шалтери во Регионалната дирекција што работат и по 16.30 часот, како и во сабота, има и даночни канцеларии во Аеродром, Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров, а се очекува да се отворат и во другите скопски општини.
– Нашите тимови се веќе на терен и вршат регистрација во државните и јавните институции, како и во компаниите со поголем број вработени – дополни Лукаревска.
Граѓаните што имаат потреба од мобилна екипа може да се јават на контакт-телефоните на Управата за регистрацијата. За оние, пак, кои при регистрацијата го загубиле ливчето што треба да го однесат во УЈП неопходно е да одат на шалтерите на УЈП и таму да им се испечати пријавата.
Прашана зошто граѓаните и покрај електронското евидентирање мора да однесат пишан документ во управата, Лукаревска рече дека тоа се прави заради заштита на нивните податоци и да бидат сигурни дека даноците ќе им бидат пресметани на лицата на кои треба. Обврската за регистрација е еднократна и трае за целиот период понатаму.
Во Македонија, како што кажа, во согласност со податоците од изминатите години има околу 45 илјади пензионери, кои остваруваат дополнителни приходи освен пензијата. Кај нив, според директорката, постои расположение да се евидентираат во електронскиот систем за персонален данок. Е.Р.